Кинески разорувач „агресивно се доближил“ до брод на американската морнарица во Јужно Кинеско Море и го принудил да маневрира за да не се судрат. Кинески воен брод, според американските власти, во неделата се доближил до бродот „Декејтур“ на небезбеден и непрофесионален начин кај Гавенските Гребени во Јужно Кинеско Море, пренесуваат светските медиуми.

Портпаролот на американската Пацифичка флота, Тим Горман, изјави дека кинескиот разорувач, кој се доближил до американскиот брод на оддалеченост од 41 метар, извел повеќе агресивни маневри придружени со предупредувања до „Декејтур“ да ја напушти областа.

Кинеското министерство за одбрана, пак, вчера соопшти дека е против влезот на американски воени бродови во води околу кинески острови и гребени и потврди дека кинески ракетен разорувач „Луојанг“ веднаш е испратен за да го идентификува американскиот воен брод и да го избрка. Истовремено, кинеското МНР ги повика САД „да престанат со своите провокативни акции“.