Саудиска Арабија и Иран се два силни соседа и повеќегодишни ривали во борбата за регионална доминација, а неодамнешните напади врз саудиските нафтени постројки за кои се товари Иран, дополнително го продлабочуваат непријателството на двете земји.

Десетгодишниот конфликт меѓу Ријад и Техеран е дополнително оптоварен со верски разлики, во Иран доминираат шиитските муслимани, додека Саудијците се гледаат себеси како водечка сунитска муслиманска сила, пренесува Би-би-си.

Таа поделба во исламот се рефлектира низ целиот регион на Блискиот исток, бидејќи другите земји кои се поделени како такви со мнозинско шиитско или сунитско население бараат поддршка и водство од Саудиска Арабија или Иран, соодветно.

Историски гледано, Саудиска Арабија како кралство и родно место на исламот, се смета себеси за земја лидер во муслиманскиот свет.

Од друга страна, по Исламската револуција во Иран во 1979 година, се создаде нова држава, револуционерна теократија со цел ваквиот владејачки модел да го прошири и во соседните земји.

Како што оценува Би-би-си, американската инвазија во Ирак во 2003 година го собори од власт Садам Хусеин, сунит, и тоа го отвори патот за влада во Багдад во која доминираат шиити, а влијанието на Иран врз шиитите во таа земја од тогаш континуирано расте.

Подоцнежните востанија низ арапскиот свет предизвикаа политичка нестабилност во целиот регион, а Иран и Саудиска Арабија ги искористија ваквите протести за да го прошират своето влијание, особено во Сирија, Бахреин и Јемен.

Така, во текот на последните 15 години, ривалството се зголемува, а според оценката на Би-би-си, Иран на многу начини победува во ваквата регионална трка.

Се наведува дека во Сирија поддршката на Иран за претседателот Башар ал Асад придонела неговите сили во голема мерка да ги уништат бунтовничките групи поддржани од Саудиска Арабија.

Според анализата, регионалните тензии ги влошува и „милитаристичкиот авантуристизам“ на младиот и импулсивен саудиски престолонаследник, Мухамед бин Саламан, кој е де факто владетел на земјата, која во Јемен води војна против Хутите, бунтовничко движење поддржано од Иран.

Иран, од друга страна, ги негира обвинувањата дека ги снабдува со оружје Хутите, иако извештаите на Обединетите нации говорат поинаку.

За САД и другите западни сили, слободата на навигација и половидба во Заливот е суштинска и секој конфликт што може да ја блокира испораката за нафта, може лесно да ги активира американските поморски и воздушни сили, се вели во анализата на Би-би-си.