Во 2009 година, американската морнарица почна со проектот за подводни дронови, чија задача е да открива потенцијални непријателски подморници и подводни бомби, како и следење на подводната инфраструктура, како што се комуникациските кабли. Овие дронови може да пловат повеќе месеци и се многу евтини, поради што нивната загуба е прифатлива за морнарицата, наведува Би-би-си

Кинески рибари неодамна „уловија“ шпионска мини-подморница, која беше откриена на крајбрежјето во источната провинција Јиангсу. Но ова не е првпат кинеските рибари да откријат „шпионски дронови“. Во 2018 година, кинеската влада награди 18 рибари откако тие открија девет вакви направи.
Провинцијата Јиангсу има крајбрежје во должина од околу илјада километри и се наоѓа наспроти Јапонија и Јужна Кореја, додека, пак, Тајван се наоѓа на околу 900 километри јужно. Во овој регион има големо присуство на американската воена морнарица, што, според Би-би-си, може да е дел од објаснувањето зошто кинеските рибари постојано наоѓаат вакви направи. Регионалниот експерт и консултант Александар Нил оценува дека ваквите подморници најверојатно потекнуваат од американската морнарица, јапонските сили или Тајван, бидејќи во оваа област има големо ривалство.

Во 2009 година, американската морнарица почна со проектот за подводни дронови, чија задача е да открива потенцијални непријателски подморници и подводни бомби, како и следења на подводната инфраструктура, како што се комуникациските кабли. Овие дронови може да пловат повеќе месеци и се многу евтини, поради што нивната загуба е прифатлива за морнарицата. Нивната цена изнесува неколку десетици илјади долари.

Кина има голема рибарска флота, поради што овие дронови често завршуваат во рибарските мрежи. Но кинеската рибарска флота е различна од оние во другите земји. Некои рибари се дел од кинеската војска, а тоа го објаснува фактот зошто оваа уникатна единица постојано открива воена опрема во морињата околу Кина. Кинеската поморска милиција е дел од националната милиција, која, пак, всушност спаѓа во резервните цивилни сили. Во извештајот на американското министерство за одбрана од 2017 година се наведува дека кинеската поморска милиција има голема улога во воените кампањи и повеќето инциденти во изминатите години.

Во минатото, кинеската поморска милиција изнајмуваше бродови од приватните компании и рибарите. Но, како што наведува американското министерство за одбрана, Кина по сѐ изгледа форсира државна рибарска флота за силите на милициите. Нил истакнува дека многу бродови сега се маскирани како рибарски бродови, кои всушност служат за поморско набљудување и следење на ривалите на Кина.

– На хартија, тие изгледаат како софистицирани, модерни рибарски бродови. Но тие всушност се воени бродови, со зголемен капацитет за товар. Доколку ги погледнете фотографиите, јасно е дека тие се дел од регуларната поморска команда на кинеската армија – додава Нил

Но, како што наведува Би-би-си, Кина исто така поседува подводни дронови. На воената парада за одбележувањето на 70-годишнината од формирањето на Народна Република Кина беше претставен голем подводен дрон, кој има капацитет за „лансирање“ помали дронови.

– Дроновите го зголемуваат опсегот на капацитетот за набљудување и следење на сите модерни морнарици во овој регион – заклучува Нил.