Работници ја поставуваат бината за концертот „Венецуела ејд“

Владата на Николас Мадуро објави дека ќе одржи голем концерт како одговор на концертот во организација на британскиот милијардер Ричард Брансон, кој го поддржува опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, со што се отвора и музички фронт во битката за власт во Венецуела, пренесуваат светските медиуми.

Станува збор за спротиставени концерти на двете страни од венецуелската граница со Колумбија. „Венецуела ејд“ на Брансон и „Мегаконцертот“ наречен „Рацете подалеку од Венецуела“ на Мадуро. Венецуелскиот министер за информирање Хорхе Родригез најави дека власта ќе одржи концерти в сабота и недела. Брансон, пак, порача дека целта на неговиот концерт, кој е закажан за петок, претставува собирање пари за неопходната медицинска помош. Предвидено е на „Венецуела ејд“ да настапат Ману Чао, Алехандро Санс, Хуан Луис Гуера и други познати музички имиња. Брансон има цел да собере 100 милиони долари и да ги отвори границите на Венецуела за влез на хуманитарна помош преку музичкиот спектакл што ќе се одржи во колумбискиот град Кукута.

– Можеби музичките ривали ќе ги изненадат сите и ќе пејат заедно, музика од Џон Ленон, или така нешто – напиша на Твитер новинарката Патриција Гарип која известува од Колумбија.

Спротиставените музички настани дополнително ја компликуваат тензичната ситуација на венецуелската граница, а би можеле да влијаат и врз политичката иднина на јужноамериканската држава.

Идејата за спортиставените концерти наиде на поделени мислења. Коосновачот на легендарната рок-група „Пинк флојд“ Роџер Вотерс го критикуваше Брансон, посочувајќи дека неговиот проект е поддржан од САД со цел за оцрнување на власта во Венецуела. Гуаидо, пак, го оцени потегот на неговиот противник Мадуро за организација на контраконцерт, како „очајнички“.

– Тие расправаат дали помошта треба да стигне или не… Тие не знаат што да прават. Сега измислуваат концерт. Колку концерти ќе одржат – запраша Гуаидо.