Гренланд е привлечен за САД и за Кина од две причини, економски и стратегиски, а тие се поврзани со климатските промени, велат аналитичарите

Гренланд не е навикнат да биде во центарот на светското внимание, но лани се најде на насловните страници, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД сакаат да го купат огромниот остров од Данска. Но за Гренланд не се заинтересирани само Американците, туку и Кинезите.

Данската влада веднаш по објавата на Трамп одговори дека Гренланд не е на продажба, што доведе до дипломатски спор. Сепак, двете страни набргу ги смирија тензиите, а САД најавија нова политика за зголемување на присуството и влијанието во Гренланд, со отворање конзулат на островот. Тоа е прва дипломатска мисија на САД на оваа територија од 1953 година, иако Американците имаат воена воздухопловна база во Туле, северен Гренланд.

Сево ова се случува во момент кога и Кина сака да воспостави поблиски економски врски со Гренланд. Зошто е островот толку интересен за глобалните сили и какво значење ќе има новиот конзулат на САД за економијата, но и за движењето за независност на Гренланд? Гренланд е најголем остров на светот ако Австралија се смета за континент. Лоциран е главно во Арктичкиот круг, а околу три четвртини од неговата територија се постојано покриени со мраз. Со население од околу 56.000, тоа е најретко населена земја или територија на Земјата. Една третина од луѓето живеат во главниот град Нук, а нема патишта до другите градови, кои се лоцирани на бреговите. До нив се стигнува со авион или со брод, но често тоа не е можно во зимските периоди.

Гренланд е во сопственост на Данска од 1814 година, но е автономна територија со свој парламент што се грижи за внатрешните работи. Данскиот парламент во Копенхаген, во кој Гренланд испраќа двајца пратеници, пак, се грижи за надворешната политика на островот. Во моментот, економијата на Гренланд се потпира на риболовот, кој учествува со 95 отсто во вкупниот извоз, како и на годишниот грант од данската влада, кој изнесува 600 милиони долари и обезбедува над половина од годишниот буџет на Владата на Гренланд.

Аналитичарите велат дека има две причини зошто Гренланд сега ги привлекува САД и Кина – економски и стратегиски – а и двете се поврзани со климатските промени. Од економски аспект, Гренланд има едни од најголемите наоѓалишта на т.н. ретки земни метали, кои се користат во производството на мобилни телефони, компјутери и електрични автомобили. Стратегиски, пак, островот е лоциран меѓу Северна Америка, Европа и Русија. Климатските промени и особено повисоките температури значат дека полесно може да се откопуваат тие метали и да се плови по околниот Арктички Океан, без разлика дали станува збор за товарни или за воени бродови.
Данскиот геолог Миник Росинг вели дека Гренланд има многу повеќе богатства што лежат под неговата површина.

– Има железо, злато, платина и рубини, а климатските промени го прават пристапот до Гренланд многу полесен – вели тој.
Сепак, Росинг предупредува дека долгите поларни зими сѐ уште сериозно го ограничуваат рударството на Гренланд, бидејќи може да се работи само по три месеци годишно, па инвестициите и профитот се ограничени. Затоа, Росинг смета дека САД главно се интересираат за Гренланд не од економски причини, туку поради растечката стратегиска важност.

– Најголем дел од интересот на САД е од стратегиски причини. Тие едноставно сакаат да бидат присутни и минералите играат мала улога во тоа – оценува тој.
Данските власти одбиваат да ги коментираат ваквите наводи. Сепак, еден опозициски пратеник од десничарската Данска народна партија, Сорен Есперсен, вели оти е загрижен дека американскиот конзулат во Гренланд ќе ги зголеми барањата за независност на островот. Ставовите за тоа на Гренланд се поделени. Во едни анкети се наведува дека дури 64 отсто од жителите сакаат да се отцепат од Данска, додека во други анкети тој процент е само 38 отсто.

– Американците сакаат да бидат подготвени кога Гренланд ќе прогласи независност. Тие ја разгоруваат желбата на Гренланд за независност – тврди тој.
Есперсен бара од данската влада да преземе „посериозни“ мерки за зачувување на Гренланд. Тој исто така е против какво било кинеско влијание или присуство на Гренланд. Данската влада се чини се согласува со тоа, па во 2017 година реши да гради два нови аеродроми на островот, наместо договорот да замине во рацете на кинеските компании, посочува Би-би-си.
Аја Кемниц Ларсен е пратеничка од Гренланд во данскиот парламент, која се залага за независност на островот. Таа вели оти е добро да има соработка со САД, но дека е загрижена за големината на американскиот конзулат.
– Во него, веројатно, ќе има повеќе американски дипломати од нашиот персонал во Дирекцијата за надворешни работи на Гренланд – вели таа.

Кемниц Ларсен нагласува дека нејзина долгорочна цел е независност на Гренланд, но смета дека таа нема да биде постигната веднаш.
– Не верувам дека треба да се продадеме на оние што ќе платат најмногу, без разлика дали станува збор за САД или за Кина, само за да излеземе од данска јурисдикција. Тоа не е независност – вели таа.
Данскиот економист Уфе Палудан смета дека островот треба да биде претпазлив и да не дозволи преголеми американски или кинески инвестиции зашто тие би имале „огромно дестабилизирачко влијание врз општеството на Гренланд“.