Американски претставници предупредија дека Русија и Кина ќе бидат спречени да доминираат во арктичките води. Од друга страна, од Москва порачуваат дека руски специјални единици се подготвуваат за потенцијален конфликт на Арктикот

Големите сили ја засилуваат битката за превласт на Арктикот, а реториката станува сѐ пожестока. Па, така, Вашингтон предупреди дека САД се подготвени да ја држат Русија подалеку од Арктикот. Американски претставници исто така порачаа дека Русија и Кина ќе бидат спречени да доминираат во арктичките води. Од друга страна, од Москва порачуваат дека руски специјални единици се подготвуваат за потенцијален конфликт на Арктикот. За сериозноста на намерите на Кремљ доволно говори и фактот за новоформираното министерство за Арктик, кое ќе има низа нови задолженија.

– Во моментов маршрутата на Северно Море е повеќе отворена, тука постојат комерцијални и ресурсни интереси, а тоа создава натпреварување – порача генералот Куртис Скапароти, главен командант на американските сили во Европа, во сведочењето пред одборот на Сенатот задолжен за вооружување.

Скапароти им посочи на сенаторите дека Русија ги зголемила своите одбранбени капацитети, како и тоа дека на теренот распоредила повеќе напредни радарски системи, истовремено поместувајќи најразлични единици во таа област, за да ја зголеми контролата над Арктикот.

– Како резултат на тоа, и ние го обновивме нашиот план. Моравме да го измениме планот за распоредување на нашите сили, како и да ги изменине нашите операции, за да испратиме јасна порака дека Арктикот за нас е многу важен – додаде Скапароти.
Тој неодамна оцени дека шансите за конфликт помеѓу Русија и САД околу Арктикот засега се мали, но истовремено истакна дека Москва значително ја зголемува својата предност во арктичките операции, а нејзините воени бази што се таму служат за зајакнување на руските позиции.

Сериозно предупредување пристигна и од американскиот адмирал Џејмс Фого, кој командува со американските поморски сили во Европа и во Африка. Во интервју за „Вашингтон егзаминер“, Фого порача дека на Русија и на Кина нема да им биде дозволено да доминираат со арктичкиот регион. Тој исто така истакна дека арктичките води се меѓународна надлежност.

– Тоа не е ничие езеро. Сите нации од Актичкиот совет, во кој и ние членуваме, треба да имаат слободен и фер пристап. Тие сакаат да се осигурат да имаат можност да го поминат Северниот Пол и да го донесат нивниот трговски сообраќај – додаде Фаго.
Кина не е дел од Арктичкиот совет, иако во 2013 година ѝ беше доделен набљудувачки статус. Пекинг, како што оценуваат некои од експертите, се надева дека ќе ја користи северната поморска маршрута што сега се отвора поради топењето на глечерите.

Од друга страна, на изјавите на Фого остро реагира рускиот пратеник Андреј Климов, кој е дел од комитетот за надворешни работи на Думата.

– Руски специјални сили се обучуваат за потенцијален конфликт на Арктикот. Ние имаме наши вооружени сили, кои исто така имаат генерали, кои се многу способни. Имаме специјални сили што може да дејствуваат на Далечниот Север и во неговите услови, и тие досега се докажаа – истакна Климов.

Според него, постојат меѓународни правила што го регулираат користењето на копното и на морето.

– Уште одамна докажавме, од географски и геолошки аспект, кои области на копно и на море гравитираат кон Руската Федерација – заклучи Климов.

Интересно е тоа што рускиот претседател Владимир Путин неодамна го потпиша указот со кој Министерството за развој на Далечниот Исток се преименува во Министерство за развој на Далечниот Исток и Арктикот. Министерството доби низа нови функции и ќе работи на формулирање на државната политика и создавање нормативноправни регулативи во областа на развојот на арктичката зона на Русија. Експертите сметаат дека не станува збор само за бирократски потег, туку фактички за почеток за освојување на арктичките територии и водни пространства.