Во архивите на Штази била пронајдена идентификациска картичка од источногерманска тајна служба на име на рускиот претседател Владимир Путин, кој во 80-те години на 20 век беше агент на КГБ во Дрезден, објави германскиот весник „Билд“.

Весникот објави денеска фотографија на картичката, издадена на „мајор Владимир Путин”, валидна до 1989 година, на која има потпис и печат. Според изданието, картичката била пронајдена меѓу документите од централата на Штази во Дрезден, кои се однесуваат на „личниот состав и обуката”.

Конрад Фелбер, началник на дрезденската гранка на службата, истражувајќи ги архивите на Штази, изјави за „Билд“ дека картичката му давала можност на Путин непречено да влегува и излегува од централата. Според него, тоа го олеснило, исто така, регрутирањето на агенти, бидејќи не било потребно Путин да му кажува на никого дека работи за КГБ.

Во коментар на публикацијата на „Билд“, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека советската КГБ и Штази биле партнерски тајни служби, и наведе дека тие можеби разменувале документи за своите вработени.