Новинарот и режисер на документарни филмови Давид Дифрен, кој од почетокот на движењето на „жолтите елеци“ прави преглед на полициското насилство, оствари соработка со информативниот веб-портал „Медијапар“ за да направи привремен „биланс“ на повредените во демонстрациите, јавува дописникот на МИА.

Во овој преглед, „Медијапар“  забележал 337 пријави за полициско насилство, еден смртен случај, 152 лица со повреди на главата, 17 лица кои изгубиле едно око, како и четири лица на кои им биле раскинати рацете. Но, исто така, регистриани се и 49 „заплашувања, навреди и попречување на слободата на печатот”.

Новинарите, исто така, беа во можност да ги класифицираат пријавите врз основа на состојбата на повредените – демонстранти, малолетни и средношколци, минувачи, новинари, медицински лица…

Забележано е дека, при протестите полицијата најмногу го користела оружјето ЛБД 40, пред шок гранатите ГМД и ГЛФ4.

Овие видови оружја беа во центарот на неколку контроверзии и полемики последниве недели.

Бранителот на правата, на 17-ти јануари побара да се прекине со употребата на ЛБД40 (Лансирен пиштол за гумени топки), „поради евидентна докажаност на неговата опасност“.

Засега француската Влада не ја прифати оваа препорака, министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер само соопшти дека безбедносните сили ќе бидат опремени со пешачки камери за денешните демонстрации. Тие мора да бидат „систематски” активирани „во нормални услови”, но не и „во случај на агресија”.

Оваа сабота,  Давид Дифрен на својот профил на Твитер имаше регистриано 360 дојави за полициско насилство.