Јорген Фенех, истакнат бизнисмен кој беше уапсен во средата во врска со истрагата за убиството на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција, е ослободен со кауција, соопштија полициски извори. Тој ќе биде под целосен полициски надзор додека трае истрагата.

Каруана Гализа, позната по својата работа во истражување на корупцијата, беше убиена со автомобил-бомба кај Валета, главниот град на Малта, во октомври 2017 година – убиство што ја шокираше Европа и покрена прашања за владеењето на правото на малиот остров.

Осум месеци пред нејзината смрт, таа пишуваше за мистериозна компанија во Дубаи, наречена 17 Black Limited, известувајќи дека е поврзана со малтешки политичари. Истрагата на Ројтерс минатата година откри дека Фенех е сопственик на фирмата.

Тој беше уапсен во средата на јахта набрзо откако го напуштил пристаништето Портомазо во Малта. Еден ден претходно, премиерот Јосеф Мускат понуди да помилува осомничен посредник во убиството, доколку обезбеди доказ за тоа кој стои зад убиството.

Фенех е еден од најпознатите бизнисмени на островската држава. Тој е трета генерација на едно од најпознатите малтешки претприемачки семејства кои имаат свој удел во хотели, ноќни клубови, казино, како и во производство на енергија и бродоградба. Нивното богатство се проценува на стотици милиони.

Мускат во четвртокот рече дека досега осомничениот посредник не дал целосни информации. Според малтешките закони, полицијата до утринава мораше да го обвини или да го ослободи Фенех.

Тројца мажи осомничени дека се убијци на Каруана Галиција, беа уапсени во декември 2017 година. Браќата Алфред и Џорџ Дегиоргио и Винсент Мускат се обвинети за убиството. На јавниот обвинител му требаат уште 12 месеци да определи датум за нивно судење, за кој правните експерти велат дека не може да трае со години.