Јан Зон, неговите четири браќа и сестри, и нивниот татко живееле во подрум на куќа

Холандската полиција го уапси австрискиот хаусмајстор Јозеф Брунер, кој наводно држел шест лица како заложници цели девет години. Брунер (58) е осомничен дека семејството, вклучувајќи ги пензионерот Герт ван Дорстен и неговите пет возрасни деца, го чувал заклучено во подрум на изолиран имот, каде што го чекале „крајот на светот“, пишува „Дејли мејл“.

Јан Зон

Семејството било откриено откако најстариот син, 25-годишниот Јан Зон ван Дортстен, влегол во бар во Рунерволд, на стотина километри од Амстердам, и побарал помош од сопственикот на објектот. Веднаш била повикана полиција, која ги пронашла неговите браќа и сестри, на возраст од 18 до 25 години, заедно со таткото во тајна просторија на имотот.

Првичните информации од истрагата покажуваат дека Брунер му бил сосед на семејството пред 15 години. Претставник на полицијата изјавил дека членовите на семејството едвај говореле разбирливо, бидејќи девет години поминале во изолација. Ван Дорстен и неговите деца наводни спиеле и јаделе на подот на просторијата без прозорци. И покрај тоа, полицијата потврди дека никој од нив не бил неухранет и дека сите изгледале нормално. Холандските истражители допрва треба да утврдат дали Брунер навистина го држел семејството заклучено против своја волја. Австриецот, кој е осомничен за одземање слобода и загрозување на здравјето на другите, вчера требаше да биде сослушан пред суд.

Случајот потсетува на Јозеф Фрицл, кој 24 години ја држел заробена својата ќерка Елизабет во подрумот на семејната куќа. Во тој период ја силувал дури 3.000 пати и ѝ направил седум деца. Елизабет во моментот кога беше најдена имаше 42 години.