Христијанката Асиа Биби денеска излезе на слобода по осум години поминати во затвор и веднаш беше префрлена на непозната локација, по поништувањето на нејзиното обвинение за бласфемија во Пакистан, пренесува Би-би-си.

Веста за нејзиното ослободување предизвика бројни шпекулации, со што се појавија информации дека го напуштила Пакистан, за тамошното Министерство за надворешни  набргу да соопшти дека таа уште е во државата. 

Сопругот на Биби Асих Масик, јавно побара азил за нивното семејство во странство, но властите во Пакистан порачаа дека ќе почнат правна процедура за да го спречат заминувањето на Биби надвор од државата, според спогодбата договорена со исламистичките движења што протестираа поради случајот.

Верските фанатици палеа автомобили и јавен имот, претепуваа луѓе и бараа смрт за Биби, во текот на тридневните протести во Исламабад и во Лахор, откако првично беше соопштено дека Пакистанката ќе биде пуштена од затвор, минатата недела. Насилните демонстранти бараа оставки од судиите кои ја донесоа одлуката за ослободување на Биби, од водечките луѓе во армијата, како и распуштање на владата. 

По тридневните нереди, Владата попушти пред барањата на демонстрантите, согласувајќи се да потпише спогодба за нивно исполнување. Според договорот, Врховниот суд беше должен повторно да ја разгледа петицијата против ослободувањето на Биби, која доби и забрана за напуштање на земјата. Властите се согласиле и да ги ослободат луѓето кои уништиле јавен имот во протестите и да ги повлечат обвиненијата против нив. Згора, државата се обврзала дека нема да прави измени во делот од уставот што се однесува на случаите на богохулие.

Биби помина осум години во затвор чекајќи смртна казна, откако беше осудена за богохулие поради наводна навреда на пророкот Мухамед. Врховниот суд на Пакистан минатата недела ја поништи пресудата, утврдувајќи дека таа била лажно обвинета од муслиманка со која заедно работеле, берејќи овошје. Обвинувањата произлегле од нивна караница откако Биби пиела вода од чаша што ја донела за нив, што не смеела да го стори според жената што ги изнела лажните тврдења.

Законот за богохулие на Пакистан досега беше користен за безмилосен прогон на верските малцинства поради богохулие кон исламот. Воведувањето на клаузулата што се однесува на исламот во 1987 година, го зголеми бројот на обвинувања на 1.335 до 2015 година. Претходно, имаше само седум обвинувања помеѓу 1927 и 1986 година.