Најмалку 40 луѓе се убиени и многумина се повредени во воздушен напад за време на свадбена церемонија во југозападна Либија, пренесуваат светските медиуми.

Според податоците, нападот во градот Мурзук го извеле силите лојални на водачот Калифа Хафтар. Како што наведе „Ал Џазира“, жртвите биле присутни на свадбена прослава кога се случил нападот.

Приближно 1.100 луѓе се убиени откако Хафтар, кој е стациониран во источна Либија, на 4 април почна офанзива против Триполи. Либиските власти соопштија дека собориле неидентификувано летало на силите на Хафтар.

Претставникот на ООН, Гасан Салам, предложи прекин на огнот за муслиманскиот празник Еид ал-Ада, кој почнува околу 11 август, и повика на повторно започнување на преговорите.

Европската Унија во петокот исто така ги повика завојуваните страни на Либија да воспостават трајно примирје и да се вратат на разговорите предводени од ООН за да се подготват за брзи избори.