Угледниот американски генерал и поранешен секретар за одбрана, Џејмс Матис, кој даде оставка во 2018 година по одлуката за повлекување на војниците од Сирија, остро го критикуваше претседателот Доналд Трамп поради начинот на кој се справува со масовните протести во САД.

Матис досега никогаш не го критикувал претседателот, но сега одлучи да го прекине молкот. Во коментар објавен вчера во „Атлантик“, Матис го критикува Трамп и тоа една недела по избивањето на протестите поради смртта на Џорџ Флојд. Тој меѓудругото го обвинува Трамп дека и` наредил на војската да ги прекрши уставните права на граѓаните.

– Лут и запрепастен ги набљудував настаните оваа недела. Зборовите „еднаква правда според законот“ се втемелени на ѕидот на зградата на Врховниот суд. Всушност, тоа демонстрантите со право го бараат. Не смеат тоа да ни го одземат оние малобројните кои го кршат законот. Протестираат десетици илјади совесни луѓе кои инсистираат на тоа да бидеме дораснати на нашите вредности како народ и нација. Доналд Трамп е првиот претседател во мојот живот кој не настојува да го обедини американскиот народ, дури не се ни преправа дека го прави тоа. Наместо тоа, тој сака да не подели – напиша Матис додавајќи дека тоа е барање зад кое сите би требало да застанат.

Познато е дека Матис ги ограничуваше воинстените импулси на Доналд Трамп во текот на нивната двегодишна соработка, пред да поднесе оставка поради различните ставови во врска со повлекувањето на американските трупи од Сирија, последното нивно несогласување во врска со пристапот кон користење на војската и покажувањето на американската моќ.

Поранешниот генерал во американската војска познат под прекарот „бесен пес“, претходно ја искористи ценетоста од страна на Трамп за да го прошири воениот буџет и да им даде поголем авторитет на воените лица на теренот. Тој ја балансираше и воинствената реторика на Трамп за зголемувањето на бројот на трупи во некои од областите, кои претседателот сега сака да ги напушти.

Но, разликите во ставовите станаа непремостливи. Трамп и Матис имаа несогласувања околу разместувањето на војската на границата со Мексико, како и поради најавите на претседателот за повлекување на силите од Авганистан кога стапи на функцијата, во ситуација кога војската бараше зголемување на бројноста.

Во врска со Иран, Матис му противречеше на Трамп, наоѓајќи се во невообичаена позиција бидејќи се залагаше за политиките на претходната администрација, кои ги оспоруваше додека беше во униформа. Претходниот претседател Барак Обама целеше да ги ограничи иранските амбиции за нуклеарната програма.

Кога Трамп ја објави својата наредба за забрана на трансродни лица во војската, Матис се обиде да ја поништи, но не успеа. Најавата на Трамп за повлекувањето од Сирија беше голем пораз за Матис, кој тогаш одлучи да се повлече од функцијата секретар за одбрана која ја извршуваше 23 месеци.