Ангела Меркел, Емануел Макрон и Урсула фон Лејен (од лево кон десно)

Документот долг две страни има цел да покаже како француско-германското партнерство ги надминува скорашните тензии

Автори: Рим Момтаз и Дејвид М. Херценхорн

Политико 

Можете да почнете да уживате во кроењето на големиот план за иднината на ЕУ! Германија и Франција веќе ги исцртаа темелите на двeгодишната „Конференција за иднината на Европа“ со цел да ги обноват речиси сите аспекти на функционирањето на ЕУ, вклучувајќи и можни промени на договорите за блокот да биде „пообединет и со поголем суверенитет“, според информациите од договорот до кој дојде „Политико“.

Првичниот нацрт на договорот предлага европските лидери да одржат прва дискусија на конференцијата на претстојниот самит во Брисел закажан за наредниот месец. Со него се бара двофазна иницијатива со тоа што првата фаза би започнала најрано следната година и ќе се фокусира на „демократското функционирање на ЕУ“, особено во однос на „изборите и назначувањата на клучните позиции“.

Ова претставува отворен код за „местење“ на избори и селекција на лидери што нашироко се смета дека има огромни пропусти, откако европските лидери годинава ги отфрлија „главните кандидати“ од водечките политички семејства и наместо тоа следеше големо изненадување со назначувањето на Урсула фон дер Лејен за претседателка на Европската комисија, што е највисоката извршна функција.

Поддржувачите на процесот за избор на кандидати, особено во Европскиот парламент, беа бесни што највисоката функција ја доби некој што воопшто не беше во тесен избор, иако шефовите на државите и на владите во Европскиот совет испратија јасни предупредувања дека нема да се држат цврсто до системот, што не е заведено во европските договори.

Францускиот претседател Емануел Макрон посебно се залагаше за усвојување на нов систем за транснационални листи на кандидати, што ќе создадеше конкуренција на ниво на целиот континент на изборите за Европскиот парламент. Но лидерите изјавија дека немало доволно време за таква голема промена и решија да се држат до постоечкиот систем во кој сите 28 членки на Унијата избираат пратеници за Европарламентот кој брои 751 седиште. Нацрт-планот особено го нагласува прегледот на „транснационалните листи“, „системот на главни кандидати“ и „прашања поврзани со учеството на граѓаните“.

Втората и поважна фаза од Конференцијата за иднината на Европа ќе се насочи на „политичките приоритети“, ќе трае две години и ќе заврши со претседателствата на Германија и на Франција со Советот на ЕУ, што ќе се случи во втората половина на 2020 и првата половина од 2022 година соодветно.

Документот беше доставен во понеделникот до сите членки на ЕУ и се очекува амбасадорите да го дискутираат в среда.

Двостраниот нацрт-договор не дава многу детали, но бара да се свика голем настан кој ќе биде предводен од „постара европска политичка фигура“ кој ќе заседава со експертски комитет и ќе побара поголема вклученост на трите главни европски институции, Комисијата, Советот и Парламентот. Поранешниот белгиски премиер и долгогодишен член на Европскиот парламент Ги Верховстад често се споменува во Брисел како еден од можните кандидати за шефовската позиција.

Концептот за ваква конференција за иднината на ЕУ ја предложи Макрон во неговото писмо до Европејците испратено во април пред изборите за Европските парламент, и веќе е одобрен од страна на новоизбраната претседателка на Комисијата, Фон дер Лејен, а очигледното избрзано објавување на нацрт-договорот укажува дека владини претставници во Париз и во Берлин сакаа да се достави до членките на ЕУ пред гласањето во Парламентот закажано за оваа недела, за потврда на новиот состав на Комисијата.

Документот исто така има цел да се справи со неодамнешните тензии во француско-германските односи кои почнаа да предизвикуваат значителна вознемиреност во Брисел и другите главни градови во Европа. Наклонетоста на Макрон кон подривачките политики, вклучувајќи ги скорашните критики упатени кон НАТО, ја налути германската канцеларка Ангела Меркел, која не го криеше фактот дека не го толерира дрскиот однос на нејзиниот помлад француски колега.

Во повеќе наврати по изборот на Макрон за претседател во 2017 година, други лидери од ЕУ покажаа помал ентузијазам за неговите барања за поголем федерализам и европски суверенитет, апетит што се чини дека не е во чекор со сегашното расположение на гласачите. Па така, многу лидери исто така препознаа некои од ограничувањата на постоечките европски договори, како и потребата за ревизија и обнова како одговор на бројните фактори како што се брегзит, подемот на национализмот и десничарскиот екстремизам, но и нарушувањето на трансатлантските односи откако Доналд Трамп стана претседател на САД.

Нацрт-договорот генерално бара анализа на многу широкополитички области. Во него се наведува дека „конференцијата треба да даде одговор на сите итни прашања за да се даде насока за иднината на Европа, со цел ЕУ да стане пообединета и со поголем суверенитет, на пример, улогата на Европа во светот и нејзината безбедност/одбрана, соседство, дигитализацијата, климатските промени, доселувањето, борбата против нееднаквоста, нашиот модел за општествена пазарна економија (вклучувајќи ги социјалните права, индустриската и иновативната политика, трговијата и конкуренцијата), владеењето на правото и европските вредности“.

Во нацрт-договорот исто така се бара хиерархиска граѓанска вклученост, како што се панели со предлози на случајно избрани европски граѓани, како и тематски политички конференции да се одржуваат во многу различни европски држави и меѓу другото, тој повикува на цврсти предлози, а не нејасни заклучоци. Покрај тоа, конференцијата треба да се посвети повеќе на меѓуинституционалните мандати за да даде вистински и конкретни резултати. Последниот документ со препораки треба да биде презентиран пред ЕУКО за да се отвори дебата и потоа да следи имплементација.

Превод: Билјана Здравковска