Без оглед на тоа кој ќе ја формира владата во наредните денови, Бени Ганц се покажа како сериозен играч во полититиката на Израел.

Ганц се стекна со диплома по историја при универзитетот во Тел Авив, магистерски студии по политички науки од Универзитетот Хаифа и магистерски студии за управување со национали ресурси при Универзитетот за национална одбрана на Соединетите држави.

Неговата прва мисија како нов воен регрут во 1977 година се состоеше од обезбедувањето на посетата на египетскиот претседател Анвар Садат на Израел. Бени Ганц е ветеран од Либанската војна од 1982 година. Во 1991 година учествуваше во „Операцијата Соломон“ како командант на единица која го обезбедуваше аеродромот во Адис Абеба во текот на која беа спасени 14.000 етиописки Евреи. Во 2000 година кога израелската армија по 18 години се повлече од Либан, Ганц беше последниот војник кој ја премина границата.

На 13 февруари 2011 година, едногласно беше одобрен од страна на израелскиот парламент за началник на Генералштабот на Израел и унапреден во генерал-полковник. Тогаш премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Ганц е „одличен офицер и искусен командант и има богато оперативно и логистичко искуство, со сите атрибути потребни за да биде успешен командант на армијата“.

Ганц како началник на израелските воени сили беше вклучен во голем број историски моменти на израелската армија и Израел. Во мај 2011 година, Ганц и министерот за одбрана Ехуд Барак го одобрија назначувањето на Орна Барбиваи, со што за првпат жена беше назначена за генерал-мајор во историјата на израелската армија.

На 16 февруари 2015 година, Ганц го заврши мандатот како началник на Генералштабот и влезе во тригодишен правен период на разрешување, во текот на кој  не можеше да се канидира за израелскиот парламент. Во декември 2018 година, Ганц офијално ги објави своето влегување во политиката и формираше нова политичка партија.

Во својот прв говор за време на политичката кампањата на 29 јануари 2019 година, Ганц го опиша Израел како водечка високо-технолошка држава и вети дека ќе обезбеди стипендии за студентите по медицина, воведување остри казни за оние кои шпекулативно ги зголемуваат цените на земјиштето и домувањето, како и изградба и проширување на повеќе болници. Понатаму, тој рече дека ќе создаде нови работни места во земјоделскиот сектор.

Ганц, исто така, се фокусираше на обезбедување еднакви права и можности за сите граѓани и борба против насилството врз жените. Тој вети дека ќе ги продлабочи врските со ортодоксните Евреи, Арапите и Друзите со цел воспоставувањето на државна служба за сите, покрај воената служба.

Во врска со националната безбедност, Ганц вети дека ќе ги зајакне блокадите на населбите и Голанската височина, од кои никогаш нема да се повлече, исто така, вети дека обединетиот Ерусалим засекогаш ќе остане главен град на Израел. Ганц исто така рече дека ќе се залага за мир, споменувајќи ги договорите со Египет и Јордан, меѓутоа лично му се обрати на иранскиот генерал Касем Сулејмани и водачот на Хезболах, Хасан Насралах, дека „нема да толерира закана за израелскиот суверенитет“.

Ганц за своите политички убедувања истакна дека во однос на безбедносните прашања стои на страната на десницата, а кога станува збор за општествено-економските прашања на страната на левицата и либерализмот.