Околу 40 килограми дрога беа пронајдени во багажот на воено лице кое било придружба на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро. Станува збор за воен пилот што бил уапсен на пат кон самитот Г-20, кој ќе се одржи утре и задутре во Јапонија, пренесува „Индипендент“.

Болсонаро е претседателот кој вети дека нема да има толеранција во борбата против дрогата во неговата земја, но по сѐ изгледа дека ќе мора да започне од сопствената воена придружба.

Бразилскиот воен офицер бил уапсен во Севилја, Шпанија, откако на аеродромот во куфер биле пронајдени околу 40 килограми кокаин. Се работи за 38-годишниот Силва Родригез. Авионот превезувал воена делегација која била задолжена за заштита на претседателот Болсонаро за време на самитот во Токио. Авионот со кој патувал претседателот тогаш веќе слетал во Лисабон. 

Болсонаро го потврди апсењето на офицерот, изјавувајќи дека бил информиран за инцидентот од страна на шпанскиот министер за одбрана. Според изјавата, тој го советувал пилотот да соработува со шпанските власти.

– Доколку се утврди дека пилотот навистина го сторил делото, ќе му се суди според законот – изјави Болсонаро.

Ова незгодна ситуација за претседателот Болсонаро, бидејќи тој дојде на власт во јануари годинава, ветувајќи дека ќе се бори против широкораспространетиот криминал со дрога во Јужна Америка. Затоа беше тешко да објасни како токму член на неговата воена придружба е фатен со дрога.

– Ваквиот инцидент е неприфатлив и сторителот треба најстрого да се казни. Ние нема да толерираме вакво непочитување кон нашата нација – напиша Болсонаро на неговиот твитер-профил. 

Бразил е појдовна точка за транспортирање на кокаио до Европа и до Африка. Болсонаро неодамна потпиша закон за построго казнување на криумчарите на кокаин, а истовремено им дава и поголема слобода на полициските службеници во отворањето на оган врз осомничените криминалци. 

– Трговијата со оружје и дрога генерира профит и обично ја прават моќни луѓе. Неопходно е да се отвори истрага и да се следат парите до самиот врв за да се открие кој стои зад кокаинот пронајден кај военото лице – изјави Марчело Фриксо, пратеник од опозицијата во Бразил.