Рускиот претседател Путин истакна дека во текот на наредната година ќе се одржуваат месечни воени вежби меѓу руските и белоруските војници, но нагласи дека руските сили нема да останат во Белорусија по завршувањето на вежбите

Белорускиот претседател Александар Лукашенко одржа долги преговори со својот руски колега Владимир Путин, завчера, на состанокот што беше од клучно значење дали белорускиот лидер ќе успее да се избори со протестите против неговата власт, соопшти „Гардијан“. Состанокот се одржа во рускиот туристички центар Сочи, а наедно е прв откако Лукашенко победи на претседателските избори што се одржаа на 9 август. Белоруската позиција, Европската Унија (ЕУ) и САД не ги признаа резултатите од изборите на кои белорускиот претседател, кој е на власт веќе 26 години, освои над 80 отсто од гласовите и притоа ја осудија употребата на насилство врз мирните протести, како што пренесе „Еуроњуз“. За да ги смири демонстрантите, Лукашенко, кого некои го нарекуваат „последниот европски диктатор“, предложи да направи промени во Уставот, што опозицијата го сметаше за трик што само ќе купи време.

Путин, кој уште еднаш му ја честита изборната победа на завчерашниот состанок, предложените уставни реформи ги оцени како „логични, навремени и чекор во вистинска насока“. Исто така, тој ја потврди својата поддршка за договорот за партнерство, кој предвидува тесни политички, економски и воени врски меѓу двете држави.
– Белорусија за нас е најблиска сојузничка, а како што наведов веќе неколкупати во нашите телефонски разговори, ние ќе ги исполните сите наши обврски. Постигнавме согласност во овој сложен период за Москва да му обезбеди на Минск државен заем во вредност од 1,25 милијарда евра. Исто така ќе ја продолжиме нашата соработка во одбраната – му порача Путин на Лукашенко.
Заедничките воени вежби, кои беа договорени лани, започнаа завчера. За таа цел, Русија испрати војници од падобранскиот одред во Белорусија во текот на десетдневните воени вежби, насловени „Словенско братство“. Путин истакна дека во текот на наредната година ќе се одржуваат месечни воени вежби меѓу руските и белоруските војници, но нагласи дека руските сили нема да останат во Белорусија по завршувањето на вежбите, според „Гардијан“.

Пред изборите, и покрај партнерскиот договор, Русија и Белорусија честопати имаа жестоки меѓусебни спорови, во кои Лукашенко во повеќе наврати го обвинуваше Кремљ дека ја притиска Белорусија да се откаже од својата независност, пренесува „Еуроњуз“. Но бидејќи сега е изложен на жестоки критики од САД и од ЕУ за изборите и се подготвуваат санкции за Белорусија, Лукашенко мора да се потпре само на руската поддршка. И покрај одредените несогласувања во минатото, Кремљ не посакува сценарио во кое јавните протести би го принудиле белорускиот лидер да поднесе оставка, што може да им даде ветер во грб на домашните критичари на Путин.
Дмитриј Песков, портпаролот на Путин, соопшти дека состанокот меѓу претседателите траел четири часа и го окарактеризира како „конструктивен, долг и содржаен“, пренесува „Гардијан“. Официјалното соопштение не откри дополнителни детали дали биле постигнати некакви договори зад затворени врати или како Лукашенко ќе возврати на понудената финансиска помош.

Светлана Тихановскаја, главната опозициска конкурентка на Лукашенко во изборите, издаде свое официјално соопштение во кое го предупреди Путин дека секој договор што ќе го постигне со Лукашенко нема да биде поддржан од новата опозициски предводена влада.
– Жалам што одлучивте да водите дијалог со узурпаторот, а не со белорускиот народ. Сите договори потпишани од нелегитимниот Лукашенко ќе бидат повлечени од страна на новата влада – порача самопрогласената „национална лидерка“, откако избега во соседна Литванија по одржувањето на изборите во Белорусија.
Протестите во белорускиот град се актуелни од изборната победа на Лукашенко, а во неделата на улиците во главниот град Минск маршираа 150.000 лица и бараа оставка од претседателот. Белоруското министерство за внатрешни работи соопшти дека биле уапсени вкупно 774 лица од Минск и од другите градови затоа што организирале незаконски собири.

Лукашенко јавно побара од Путин да испрати воена помош во Белорусија, на што рускиот претседател се согласи да испрати еден контингент со безбедносни припадници, кој треба да реагира само доколку состојбата излезе од контрола. По претседателскиот состанок, портпаролот Песков порача дека двајцата лидери се договориле контингентот да биде повлечен, како што пренесе „Гардијан“.