Илустрација: Политико

Властите велат дека тешко се гонат осомничените за шпионажа

Авторка: Барбара Моенс

Политико

Шпионите доаѓаат во Белгија како пчели на мед, но само затоа што постои помал ризик за одење в затвор. Со 127 дипломатски претставништва, во Брисел се наоѓаат најголем број на дипломатски мисии во светот, според индексот за светска дипломатија на институтот „Лоуви“. Присуството на европските институции и седиштето на НАТО не само што Белгија ја ставија на картата за дипломати, новинари и лобисти, туку и за меѓународна шпионажа. Но покрај силната заинтересираност за белгискиот главен град, белгиските и европските власти велат дека им е тешко да ги казнуваат оние што ќе бидат фатени за шпионажа, а обидите за зајакнување на законите пропаднаа.

Во изминатите месеци, безбедносните власти истражуваа двајца поранешни европски претставници обвинети за предавање на разузнавачки материјал на Кина. Поранешниот британски дипломат и поранешен функционер во Европската комисија, Фрејзер Камерон, кој раководи со Центарот ЕУ-Азија, беше на распит кај белгиските безбедносни служби под сомнение дека предал сензитивни информации во замена за парична награда. На почетокот од годинава, германското обвинителство откри дека се сомневале во Герхард Сабатил, поранешен европски претставник, оти предавал информации на Кина. Двајцата ги негираа обвиненијата. Во двата случаја не е јасно дали обвиненијата ќе бидат изведени пред суд.

Ова особено е тешко во Белгија, бидејќи шпионажата не се смета за кривично дело. Белгискиот закон пропишува дека за кривично дело се смета само ако се предаде доверлива информација што е од клучен државен интерес на непријателска или странска сила. Одредбите датираат уште од 1930-тите години. Одамна се апелира за промени. Јохан Делмуле, јавен обвинител во Брисел, се осврна на проблемот во едно обраќање пред бриселскиот апелационен суд во 2018 година. Тој порача дека „шпионажата во Белгија, а особено во Брисел, не е нешто непостоечко, туку конкретно. Правниот арсенал за гонење на кривични дела за шпионажа е застарен, а некои параграфи датираат уште од периодот пред Втората светска војна и мора да се приспособат на денешното општество и реалност“. Во отсуство на построг закон за шпионажа, безбедносните власти се обидуваат да бидат креативни во спречувањето на осомничените. Еден начин е шпионите да се стават во центарот на вниманието на јавноста преку медиумите, со надеж дека повеќе нема да добиваат релевантни информации.

Случајот со Сабатил го откри германското обвинителство во соработка со белгиските безбедносни власти. Сабатил досега не бил уапсен или било покренато обвинение против него, но неговата мрежа можеби е помалку подготвена да му предава сензитивни информации. Истото важи и за Камерон.

Друг начин за обвинителството да го заобиколи законот за шпионажа е со поднесување тужби за други кривични дела. Ова беше забележано во неколку случаи, како во оној на поранешниот белгиски дипломат Освалд Гантоа. Под истрага за незаконско споделување информации со руските тајни служби во текот на кариерата, тој беше осуден во 2018 година за незаконско здружување со цел да се изврши фалсификување. Самиот Гантоа призна дека се однесувал „премногу како Џејмс Бонд“. Кинески државјанин истата година беше осомничен за шпионирање за кинеската државна безбедност и потоа беше уапсен. Сепак, беше уапсен под обвинение за кражба на плати наместо за шпионажа. Не е јасно дали исто така оваа стратегија се примени и во случајот на Камерон. Според лице блиско до случајот, обвинителството отворило истрага против Камерон.

Обидите на безбедносните власти и јавните службеници за ажурирање на законот не останаа неслушнати. Сегашниот федерален министер за правда, Коен Гинс од фламанската демохристијанска партија (ЦДВ), се залага да се воведе ревидиран закон за шпионажа преку парламентот. Ажурирањето експлицитно го поврзува законот со белгиските меѓународни односи кои исто така ги сочинуваат односите со меѓународните организации како НАТО и Европската Унија (ЕУ), како што соопшти портпаролот на Гинс.

Промената исто така ќе го прошири законот за економска и научна шпионажа. Според портпаролот, тоа се однесува на сите тајни информации кои странска држава или вооружена група може да ги искористи за да се вклучи во економска војна. Иако е неопходно да се ажурира законот за шпионажа, тука постојат и одредени ризици. Освен правните критики, политичкиот пат до нов закон сè уште е долг и несигурен. Прашањето постигна мал напредок поради ќорсокакот во формирањето на белгиската влада уште од крајот на 2018 година. Ова се смета за поширок пакет за реформи во правдата предложени од страна на Гинс и не е јасно што ќе се случи со тој пакет кога Белгија ќе ја состави новата влада, особено со тоа што Гинс најави во петокот дека повеќе нема да се труди да остане на власт.

Истовремено, белгиските власти исто така укажуваат на европските институции, тврдејќи дека тие исто така треба да ја одиграат својата улога. Во Европската комисија, пак, се претпоставува дека членките се одговорни за активностите на своите државјани за кои тие издаваат безбедносни дозволи.

Превод: Билјана Здравковска