Американската воена мисија во Сирија забрзано се ближи кон крајот, но се уште не е завршена и се уште нема план за повлекување на силите на САД од регионот, соопшти денеска Белата куќа.

Ваквото соопштение на Белата куќа следи само еден ден по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека околу 2.000 припадници на Вооружените сили на САД кои се вклучени во операциите против џихадистичката група Исламска држава, наскоро ќе се вратат дома.

– Воената мисија за искоренување на ИД во Сирија забразно се ближи кон крајот и ИД е речиси целосно уништена. САД и нашите партнери остануваме посветени на елиминирање на остатоците на ИД во Сирија, кои нашите сили се уште не ги уништија – се додава во соопштението на Белата куќа. 

Во меѓу време, Елисејската палата соопшти дека францускиот претседател Емануел Макрон денеска телефонски разговарал со Трамп, при што е потврдена посветеноста на Франција и САД да продолжат со активностите во рамки на антиџихадистичката коалиција во Ирак и Сирија.

– Наша заедничка цел е борба против ИД до самиот крај. Таа терористичка организација претставува опасност како за регионалната стабилнсот, така и за нашите заедничи интереси во сферата на безбедноста – се наведува во соопштението на Кабинетот на Макрон, кој од 23 до 25 април ќе престојува во официјална посета на САД.

Како што јави АФП, бројката на преостанати џихадисти во реонот на границата меѓу Сирија и Ирак се проценува на од неколку стотици до десетици илјади. Тие се борат со припадници на силите на сириските Курди и бунтовничките групи, со поддршка на меѓународната антиџихадистичка коалиција предводена од САД.