Жителите на импровизираната населба Кањада Реал живеат во мизерни и тешки услови

Шпанската населба Кањада Реал повеќе од една година се соочува со недостиг на електрична енергија

Додека Европа стравува од енергетската криза поради драматичниот раст на цените и недостигот на енергентите, жителите на импровизираната населба во близина на Мадрид, Кањада Реал, веќе една година се справуваат со предизивиците кои немањето електрична енергија им ги носи, пренесува британски „Гардијан“ во новата репортажа направена во населбата, во која живеат 8.500 луѓе, главно со мароканско и ромско потекло. Во ваквите услови без струја и вода, најмногу се погодени децата кои немаат како да го продолжат образованието.

– Да се живее тука значи, на некој начин, значи да умреш и да си мртов. Постојано е ладно и имаме проблеми со отоци на прстите и кожата – вели Луиза Варгаз, која со нејзиното семејство 11 години живее во Кањада Реал.

Нејзиниот син постојано има проблеми да ја следи наставата и да ја напише домашната работа, бидејќи губи концентрација додека собата е осветлена само од свеќа.

Минатата година, населбата беше најсилното погодена од невремето „Филомена“, кое ги замрзна цевките, кога регионалниот гувернер кажа дека дефектите при напојувањето со електрична енергија, која е спроведена дотаму, се поради плантажите со марихуана кои се нелегално приклучени, па затоа системот постојано се соочува со прекини.

Проблемот е во тоа што одговорноста за Кањада Реал е поделена помеѓу три локални градски собранија, градското собрание на Мадрид, владата на регионот Мадрид и делегатот на централната влада во регионот.

Од минатиот декември, малку работи се имаат сменето во населбата. Побројните семејства кои имаат мали примања можат да си овозможат само свеќи за осветлување, а немаат огрев, додека оние кои имаат повеќе пари, доаѓаат до генератори и соларни панели.

– Луѓето не минуваат низ сето ова затоа што тоа го сакаат… тие минуваат низ сето тоа затоа што немаат друг избор. Моравме да ги реосмислуваме домовите бидејќи не можеме да користиме фрижидерите и шпоретите. Образованието е навистина важно за нас, но годинава отсуствата на електрична енергија се зголемија за 70 отсто. Децата се депресивни. Една година бараме да ја вратат струјата која ние сакаме да ја плаќаме. Зошто го немаме тоа право? Ние сме на 15 километри од Мадрид, зошто да не можеме да имаме електрична енергија како секое нормално соседство – прашува Лобна Ел Азмани, работничка која живее со своето семејство во Кањада Реал.

Портпаролот на регионалните власти во Мадрид вели дека тие научиле лекции од бурата „Филомена“ и оти помошта ќе биде достапна за секој на кој ќе му треба во текот на зимата, во форма на прибежишта и социјални центри, како и можно раселување, најрано од почетокот на пролетта.

– Треба да се изнајде решение, а не политичка борба,  за доброто на сите семејства. Децата тука се поважни од сѐ – вели Хана Џалул, поранешен државен секретар за миграција, додавајќи дека прво треба да се овозможат соларни панели, како и таблет-уреди со кои децата ќе продолжат да ја сладат онлајн наставата во импровизираната населба.

За останатите жители на населбата, кои се потпираат на ветувањата за преселба на почетокот на пролетта, не останува ништо друго освен да се надеваат и да чекаат на подобро утре. На прашањетето дали на Варгас нешто ќе ѝ недостасува од Кањада Реал, таа со смеа категорично одговара дека нема ништо од населбата по што таа би тагувала.