Тригодишно девојче речиси беше киднапирано среде бел ден од бездомник во населбата Бронкс во Њујорк, пишува „Дејли мејл“.

Шокантниот настан е снимен од надзорна камера, а на видеото се гледа како скитникот им приоѓа на деца и киднапира девојче што шетало со својата баба и двајцата браќа.
Бабата веднаш почна да трча по човекот што го зеде девојчето, а другите две деца останаа со ужас да гледаат што се случува.

За среќа, во близина имало неколку храбри минувачи, кои виделе што се случило. Човек што полнел гориво на бензинска пумпа во близина го исплашил киднаперот, па тој го пуштил детето и побегнал со скутер.

„Само ја чистев улицата кога помина таа жена со трите деца. Одеднаш им пријде маж, фрли ќебе над девојчето и избега со неа во рацете. Потоа неколкумина од нас се вклучија и киднаперот го ослободи детето“, изјавил Фермин Брасеро (63), кој исто така се нашол на местото на настанот.

Набргу по инцидентот, полицијата го пронашла 27-годишниот бездомник Сантијаго Салсед како спие покрај врата. Тој е уапсен и обвинет за киднапирање, обид за киднапирање и загрозување на безбедноста на децата.

Овој, за среќа, неуспешен обид за киднапирање е дел од севкупното зголемување на насилните злосторства извршени од бездомници имајќи предвид дека нивниот број во Њујорк се зголеми за 103 проценти во изминатата деценија и продолжи да расте поради кризата предизвикана од коронавирусот.

Во последните неколку години бројот на бездомници во Њујорк ги надмина податоците од времето на големата депресија во 30-тите години, објави хуманитарната организација „Колик“ за бездомниците од Њујорк. Во август 2021 година 47.979 бездомници, вклучувајќи 14.881 деца, спиеле во засолништата за бездомници во градот Њујорк.

Коалицијата за бездомници предупредува дека овие податоци се однесуваат само на бездомниците во засолништата, а вкупниот број бездомници што лутаат по улиците и подземната железница на градот воопшто не е познат.