Последните истражувања покажуваат дека 41.490 државјани од 80 земји станале борци на терористичката група ИД во Ирак и во Сирија. Од нив, околу 7.300 лица се вратиле во домашните земји, што дополнително ја разгоре дебатата за нивната судбина во западните држави

Конечниот пораз на терористичката група Исламска држава е сѐ поблиску, но во западните земји допрва се разгорува дебатата за тоа дали треба да им се дозволи враќање на домашните џихадисти што заминаа да се борат во калифатот. Западните медиуми се преполни со наслови за судбината на Хофа Мутана, 24-годишната Американка што замина во Сирија во 2014 година, и британската тинејџерка Шамима Бегум, на кои не им дозволуваат да се вратат. Како што сѐ повеќе се ближи крајот на ИД во Сирија, така сѐ повеќе ќе се зголемува бројот на џихадисти-повратници. Последните истражувања покажуваат дека 41.490 државјани од 80 земји станале борци на терористичката група во Ирак и во Сирија. Уште позастрашувачки е фактот дека дури 13 отсто од нив се жени, а околу 12 проценти се малолетни лица.

Дебатата за џихадистите-повратници, како што се Мутана и Бегум, доби особена жестина откако американскиот претседател Доналд Трамп преку Твитер ги повика Британија, Франција, Германија и другите европски земји „да си ги земат назад 800-те борци на ИД“, кои силите, поддржани од САД, ги заробија во Сирија. Трамп предупреди дека во спротивно, Вашингтон ќе биде принуден да ги ослободи. Шефот на Белата куќа додаде дека САД не посакуваат џихадистите да надвладеат со Европа. Повеќето земји одбија да се обврзат да ги прифатат назад своите државјани, кои се бореа на страната на ИД.

Во извештајот на Меѓународниот центар за проучување на радикализацијата при Кралскиот колеџ во Лондон (ИЦРС) се наведува дека од околу 42.000 странци што се бореа на страната на ИД, околу 6.000 потекнуваат од западноевропските земји. Околу 2.000 џихадисти веќе се вратија во земјите од Западна Европа. Од друга страна, бројот на Американци што заминаа во калифатот е многу помал, односно околу 300 лица.

Според ИЦРС, загрижувачки е бројот на жени и малолетни лица што се бореа на страната на ИД. Па, така, од вкупниот број регистрирани странски џихадисти во Ирак и во Сирија, околу 4.761 се жени, а 4.640 се лица под 18-годишна возраст. Истовремено, бројот на регистрирани деца што се родени од странски родители во калифатот на ИД изнесува околу 730 деца, што, според ИЦРС, доведе до потценување на бројот на малолетници што сега мора да се сметаат како странски повратници. Во извештајот се наведува дека Источна Азија има најголема пропорција на регистрирани жени и деца борци на ИД, околу 70 отсто, по што следуваат Источна Европа (44 отсто), Западна Европа (42 отсто), Северна и Јужна Америка, Австралија и Нов Зеланд (36 отсто), Централна Азија (30 отсто), Југоисточна Азија (35 отсто), Јужна Азија (27 отсто), Блиски Исток и Северна Африка (МЕНА) (8 отсто) и Супсахарска Африка (помалку од еден отсто).

Во однос на бројот на вкупниот број на џихадисти-повратници, ИЦСР наведува дека досега се регистрирани над 7.300 лица што се вратиле во домашните земји. Од нив, според извештајот на ИЦСР за 2018 година, само 256 или четири отсто се жени, додека процентот на малолетни повратници е поголем – 17 отсто или 1.180 лица. Југоисточна Азија има најголем процент на женски и малолетни џихадисти-повратници (59 отсто), по што следуваат Западна Европа (55 отсто), Централна Азија (48 отсто), Супсахарска Африка (33 отсто), Источна Европа (18 отсто), Северна и Јужна Америка, Австралија и Нов Зеланд (8 отсто), Јужна Азија (помалку од еден отсто) и регионот на МЕНА исто така помалку од еден процент.

Во извештајот на ИЦРС се предупредува дека жените и малолетните лица имаат голема улога во понатамошното ширење на идеологијата и наследството на ИД по физичкиот пад на нејзиниот калифат кон крајот на 2017 година. Жените и малолетниците поврзани и инспирирани од ИД веќе ја демонстрираа нивната важност како безбедносна закана, при што овие две демографски групи учествуваа во голем број неуспешни и успешни напади низ целиот свет. ИД и џихадистите инспирирани од терористичката група се одговорни за над 4.300 напади во најмалку 29 држави, што, според ИЦРС, покажува дека групата и натаму е значајна и глобална безбедносна закана.

Во однос на статусот на џихадистите-повратници, аналитичарите истакнуваат дека според меѓународното право нелегално е да се остави граѓанин без државјанство. Покрај прашањето за легалноста на одземањето државјанство, експертите сугерираат дека таквиот чекор би можел да биде контрапродуктивен од безбедносен аспект.

– Групите како ИД досега беа неверојатно успешни во всадувањето на идејата во главите на луѓето дека западните влади и западните општества воопшто не се грижат за нивните муслимански државјани. Сликата за негрижа за човековите права и владеењето на правото само долева масло на оваа идеја дека муслиманите имаат различен третман на Западот – истакнува Кетрин Браун, професорка по исламски студии при универзитетот „Бирмингем“.


Косово и Македонија со најголем број џихадисти повратници на Балканот

Косово е земја со најголем број џихадисти повратници што се бореа на страната на Исламската држава во Сирија и Ирак, на Балканот, по што следуваат Македонија, Босна и Албанија. Па, така, од околу 360 косовски џихадисти, меѓу кои и 98 малолетници и 55 жени, на Косово се вратиле 133 лица. Кога станува збор на Македонија, помеѓу 155 џихадисти се регистрирани 15 жени, додека пак нема регистрирано малолетници. Од нив, според извештајот на Центарот за проучување на радикализацијата (ИЦРС), во Македонија се вратиле помеѓу 72 и 86 борци на ИД.

Фото: Дарко Андоновски