Објавите на арапски и на курдски јазик на социјалните мрежи промовираа лажни вести за миграција во ЕУ преку Белорусија, а шверцерите отворено ги споделуваат нивните телефонски броеви. Секој ден околу 400 лица слетуваат на аеродромот во Минск, а од јули годинава таму слетаа над 600 авиони од Либан, Ирак, Сирија, ОАЕ и од Турција. Белоруската државна авиокомпанија оперира со повеќето летови. Европската комисија одржа интензивни разговори со околу десетина други авиокомпании за да ги редуцираат летовите до Минск. Типичното патување на мигрантите до Белорусија започнува во областа Аксарај во Истанбул, каде што се остварува контакт со трговците со луѓе. Белоруските визи чинат до 2.500 долари, а летот од Истанбул до Минск може да чини 1.000 по лице, а за цело семејство околу 14.000 долари. Откако мигрантите ќе слетаат во главниот белоруски град, компании ги сместуваат бегалците во хотели, кои чинат 20 долари или повеќе за ноќевање. Белоруските власти потоа го организираат патувањето до границата каде што силите ноќе ја сечат граничната ограда и им овозможуваат на мигрантите влез во Полска. Откако ќе ја преминат границата, трговците со луѓе наплаќаат дополнителни 2.000 долари по лице за патувањето до Германија.