Децении наназад, Соединетите Американски Држави ја категоризираа групата на Народни муџахедини на Иран (МЕК) како терористичка организација. Во ерата на претседателот Доналд Трамп, иранската дисидентска група, која сака да ја сруши владата во Иран, најде клучни сојузници во Вашингтон, објави „Лос Анџелес тајмс“.

Луѓе блиски до претседателот Трамп, вклучувајќи го советникот за национална безбедност Џон Болтон и неговиот личен адвокат Рудолф Џулијани, се поддржувачи на МЕК. Години наназад, Болтон и Џулијани повикуваат на промена на власта во Техеран и ги опишаат Народните муџахедини на Иран како соодветна алтернатива во исламската Република.

Адвокатот Џулијани зборуваше на конференција на МЕК во Албанија овој месец, предизвикувајќи силни реакции на одобрување од присутните, додека Болтон истото го стори на слична конференција во Париз во 2017 година.

Според пишувањата на „Лос Анџелес тајмс“, и двајцата соработници на Трамп примале десетици илјади долари од групата во замена за јавни настапи на нивни конференции и митинзи.

Основани пред пет декади од студенти-левичари во Иран кои дирекно се противеле на владеењето на шахот Мохамед Реза Пахлави и незијната поддршка од западните земји, Народни муџахедини на Иран е затворена организација со милитантно минато. Многу Иранци ја презираат групата која 1997 до 2012 година беше на листата на терористички организации на Стејт департментот, поради нападите врз американски дипломати и бизнисмени во 1970-тите години.

МЕК и нејзините поддржувачи тврдат дека групата се бори за слобода и демократија во Иран и дека нивната децениска борба ги претворила во најлегитимна група за преземање на власта, во споредба со сите други опозиционери. Од друга страна, познавачите на состојбите на Блискиот Исток и организациите за човекови права ја поистоветуваат групата со култ и многу пратеници во САД веруваат дека ја немаат поддршката од пошироката јавност и влијанието во општеството како што тие тврдат.

Групата во минатото се поврзуваше со американски политичари од двете страни на политичкиот спектрум, а сега за време на кризата меѓу САД и Иран, би можела да игра улога за вршење на притисок на власта во земјата на Блискиот Исток.