Белата куќа со план за сузбивање на поткупливоста во САД и во светот

Администрацијата на претседателот Џо Бајден го објави шестмесечниот план за сузбивање на корупцијата на глобално ниво, но и во редовите на институциите во САД. Стратегијата што е насочена кон искоренувањето на поткупливоста во сите ешалони на општествата се состои од пет столба и е напишана на 38 страници, пренесува „Гласот на Америка“. Според медиумот, кој се повикува на објава на Белата куќа, Владата на САД во наредниот период „немилосрдно“ ќе стави посебен акцент за подобро разбирање и одговор на транснационалните закани, вклучувајќи и преземање дополнителни чекори за намалување на способноста на корумпираните актери да ги користат американските и меѓународните финансиски системи за прикривање и перење корумпирани средства. Борбата против корупцијата на глобално ниво ќе опфати воведување санкции против функционери на други земји и лица обвинети за корупција и прекршување на човековите права.
– Иако САД долго време се лидер во глобалната борба против корупцијата, справувањето со заканата како императив за национална безбедност бара изменет пристап – наведено е на веб-страницата од Белата куќа.
Челниците на неколку глобални антикорупциски организации рекоа дека се пријатно изненадени од моќта на јазикот во новиот план на САД.
– Мислам дека секој што работел долгорочно за борба против корупцијата е многу возбуден поради тоа што администрацијата на Бајден го составила документот. Се чини дека е многу добро осмислен пристапот кон овој сериозен проблем – изјави за „Гласот на Америка“ Том Кардамон, претседател и извршен директор на „Глобал фајненшл интегрити“.
Како што посочува Гери Калман, директор на американската канцеларија на „Транспаренси интернешнел“, за пофалба и изненадување е што САД за првпат соопштуваат детали за националната антикорупциска стратегија. Тој додава дека е особено значајно што администрацијата на Бајден ја препознала потребата да се координираат напорите за борба против корупцијата низ сојузната влада, но и во светот.
Инаку, планот меѓу другото, исто така, ветува обемна работа за зајакнување на меѓународните партнерства во борбата против корупцијата, вклучувајќи и обезбедување финансирање и техничка поддршка за земјите во развој што се борат со софистицираниот финансиски криминал.

Подготвил: Дејан Србиновски