Американскиот претседател Џо Бајден откри дека размислува да се кандидира на претседателските избори во САД во 2024 година, додавајќи дека во тој случај, негова кандидатка за потпретседател повторно ќе биде Камала Харис.

„Одговорот е, да. Планирам повторно да се кандидирам – рече Бајден, кој има 78 години. Тој денеска ја одржа својата прва прес-конференција во Белата куќа.

Но, потоа даде дополнително објаснување.

– Не знам од каде сте, но јас имам голема почит за судбината. Никогаш со сигурност не сум планирал за четири и пол, три и пол години однапред – рече Бајден.

Тој беше запрашан и дали мисли дека негов противник повторно ќе биде Доналд Трамп,

– Навистина не размислувам за тоа, немам идеја. Јас дури и не знам кој ќе биде кандидат на Републиканската партија. Знаете ли вие – ги праша американскиот претседател новинарите.

На новинарката која го праша дали повторно ќе ја избере Камала Харис, првата жена која е потпретседател на САД, за свој придружник во кампањата, Бајден рече „сигурно го очекувам тоа. Таа работи навистина добро и е многу добра партнерка“.

Харис, поранешна сенаторка и јавен обвинител, е меѓу кандидатите кои се споменуваат во контекст на следните претседателски избори.

Потсетување дека Бајден ја презеде функцијата како најстар претседател во историјата на САД, па некои шпекулираат дека тој ќе заврши само еден четиригодишен мандат.