Американскиот претседател, Џо Бајден, на 31 март го претстави својот нов план во Питсбург, Пенсилванија, од кој очекува „да ја создаде најотпорната и најиновативна економија во светот“, и нагласи дека целта е да се отворат можности за сите, а мерките нема да бидат во насока на казнување на досегашните практики. Ваквото соопштение следуваше откако Конгресот ја одобри програмата за фискален стимул од 1,9 илјади милијарди долари за да се зајакне американската економија што беше погодена од коронавирусот. Бајден сака да го зголеми корпоративниот данок од 21 на 28 отсто и да наметне минимум 21 отсто на глобален данок, од кој домашниот буџет дополнително ќе се полни, а чија цел ќе бидат фирмите што своите приходи ги чуваат во земјите познати како даночни раеви.
Според новата програма, ќе се укинат даночните дупки за нематеријалниот приход, како што се патентите, заштитните знаци и авторските права, за кои се плаќаат ниски даноци, и даночното изземање за производителите на фосилни горива. Покрај амбициозниот план на Бајден за обнова на инфраструктурата, демократката Александрија Окасио-Кортез, која е претставничка на Њујорк, смета дека предлогот од две илјади милијарди долари „не е ни приближно доволен“ и побара повисок буџет.