Во текот на две децении САД водеа војна во Авганистан во која не можеа да победат, а не можеа ниту да ја прекинат. „Јас не ја поддржувам идејата за бесконечна војна“, кажа тогашниот американски претседател Барак Обама во 2015 година, додека командуваше американските сили да продолжат со војување, пишува „Форин полиси“.

Војните на САД по терористичките напади на 11 септември беа долги, но нивната долготрајаност не беше главен повод за критиките оти тие станале бесконечни. Проблемот се должеше во природата на целите кои американските лидери се обидуваа да ги постигнат. Преувеличените цели, непотребни за безбедноста на САД, не можеа да бидат исполнети. А Америка продолжи со војување и покрај тоа. Таканаречената „војна против тероризмот“ беше бесконечна и во нејзината дефиниција, бидејќи „тероризмот“ претставува тактика која секогаш ќе биде присутна. За Американците војната се чинеше нормална, неизбежна, вечна, дури иако нејзиниот товар паѓаше врз нив. На некој начин, најмоќната светска држава беше неспособна да живее во мир.

Авганистанските власти се обидуваа да изградат нова држава и да ги сузбијат бунтовниците. Ова беше мисија која ниту една странска војска не може да ја постигне, што стана јасно по зголемувањето на бројот на војници на вкупно 98 илјади од САД и уште илјадници од државите членки на НАТО. Оттогаш САД се бореа само да го одложат поразот. А имаа две опции – да се борат засекогаш или веднаш да прекинат.

Поранешниот претседател Доналд Трамп придонесе за ескалација на ситуацијата во Авганистан пред да постигне договор со кој САД одат кон прекин на војната. Но, неговиот наследник Џо Бајден е тој што се откажа од логиката на бесконечната војна, барем во овој случај. Бајден одлучи не само да ги повлече американските трупи, откажувајќи се од планот истакнат во неговата претседателска кампања за оставање на војници во Авганистан. Тој пружи и методично отфрлање на начинот на размислување за „бесконечните војни“ кој се одржуваше со децении.

Во обраќањето кон нацијата во средата, Бајден тврдеше дека причината на Вашингтон за војна била погрешна, бидејќи САД првично тргнале со цел да ја искоренат Ал каеда и да спречат идни напади на нивно тло. Откако САД ги постигнало овие цели, немало потреба да остане во Авганистан.

– Го соочивме Осама бин Ладен со правдата пред една деценија. И оттогаш останавме во Авганистан уште една деценија – порача Бајден, посочувајќи дека САД треба да водат војна само таму каде што тоа е неопходно за нивната безбедност.

САД беа тие што водеа „бесконечна војна“ и САД имаа моќ да ја завршат, заклучува „Форин полиси“.