Американскиот претседател Џо Бајден ја обвини Кина дека прикрила „клучни информации за потеклото на пандемијата на коронавирусот“, по објавувањето на резимето на извештајот на американската разузнавачка истрага, во кој останаа одредени нејаснотии.

Извештајот, означен како строго доверлив, беше доставен оваа недела до Бајден, кој на разузнавачките служби им даде рок од 90 дена за да ги удвои напорите и да го објасни потеклото на пандемијата на коронавирусот.

Според делови од извештајот, разузнавачките служби заклучиле дека коронавирусот, чие научно име е САРС-КоВ-2, не е развиен како биолошко оружје и оти веројатно не е генетски модифициран. Сепак, останува поделеност во ставот дали коронавирусот е предизвикан од природна изложеност или е резултат на „лабораториска несреќа“.

– Клучни информации за потеклото на пандемијата постојат во Кина, а од почетокот тамошните власти работеа на спречување на пристапот на меѓународните истражители – рече Бајден.

Тој додаде дека Кина продолжува да ги отфрла повиците за транспарентност и крие информации, иако пандемијата на коронавирусот сè уште е присутна.

Кинеската Амбасада во Вашингтон веднаш реагираше и ги обвини САД за политичка манипулација.