Бајден повеќе се занимава со враќањето на пропаднатата агенда на Обама за Блискиот Исток

Победникот на претседателските избори во САД, Џо Бајден, сака брзо да поништи неколку клучни одлуки на Доналд Трамп.

Бајден беше прогласен за победник на претседателските избори во САД за време на викендот. Иако гласовите сè уште се бројат, во клучните држави неговата предност е толку голема што е невозможно Доналд Трамп да ја достигне. Од друга страна, Трамп сè уште не го признава поразот и најавува правна битка поради, како што тврди без никакви докази, изборни измами.

Новоизбраниот претседател Бајден официјално нема да стане претседател до инаугурацијата, закажана за 20 јануари следната година, но неговите први потези се веќе познати.

Во својот победнички говор, Бајден објави дека ќе назначи работна група за борба против епидемијата на коронавирус, која ќе се состои од 12 научници.

Исто така, штом Бајден ја преземе Белата куќа, тој ќе издаде неколку извршни уредби со кои планира брзо да поништи некои од најконтроверзните одлуки на Трамп – повлекувањето на САД од Парискиот климатски договор, чија цел е да се намалат штетните емисии на гасови за да се стават под одредена контрола климатските промени и одлуката за повлекување на САД од Светската здравствена организација, што ја донесе среде пандемијата на коронавирус.

Би-Би-Си пишува дека Бајден ќе ги поништи двете одлуки веднаш штом ќе ја преземе власта.