САД веднаш ќе ги прегледаат законите и овластувањата за санкциите и ќе преземат соодветни мерки по воениот удар во Мјанмар, изјави денеска американскиот претседател Џо Бајден.

– Соединетите Американски Држави ги укинаа санкциите против Бурма (Мјанмар) во текот на изминатата деценија врз основа на напредокот кон демократијата – рече Бајден, пренесува „Ројтерс“.

Тој додаде дека за пресврт на тој напредок ќе биде потребна итна ревизија на законите на САД и овластувања за санкционирање, проследени со соодветни мерки.

Бајден рече дека преземањето на власта од страна на војската, апсењето на премиерката Аунг Сан Су Чи и други официјални лица и прогласувањето вонредна состојба се директен напад врз транзицијата на Мјанмар кон демократија и владеење на правото.

Тој потсети дека САД ги укинаа санкциите кон Мјанмар по воведувањето на демократијата во таа земја, но додаде дека нема да се двоуми повторно да ги наметне.