Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, кој е демократски претседателски кандидат за изборите во 2020, одговори на обвинувањата на претседателот Трамп за релациите на членови од неговото семејство со Украина.

– Не заминувам никаде. Нема да ме уништи ниту мене ниту моето семејство. Трамп знае дека нема вистина во овие обвинувања. Секоја независна медиумска организација што продлабочено ги разгледала обвинувањата, укажа дека сето тоа е чиста лага – изјави Бајден на митинг во Невада.

Тој истакна дека неговиот ангажман во Украина бил едниствено во полза на борбата против корупцијата во таа земја.

Во меѓувреме покрај повикот до Украина, Трамп истакна дека и Кина треба да започне истрага за Хантер, синот на Бајден.

Демократите укажуваат дека ова е уште еден доказ за засилување на истрагата за импичмент на Трамп.