Американскиот претседател Џо Бајден ќе се состане со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на маргините на самитот на НАТО во Брисел овој месец, објави Белата куќа.

– Голем број билатерални и регионални прашања ќе бидат на дневен ред за време на нивниот состанок на 14 јуни – се наведува во соопштението.

Во април, Бајден предизвика бес во Турција со признавање на масакрите врз Ерменците во Османлиската империја како геноцид. Претходно, за време на предизборната кампања во 2020 година, Бајден вети дека ќе го заостри курсот кон Ердоган, кого го нарече „автократ“.

Бајден ќе има прилично густ распоред следната недела, кога ќе го започне своето прво патување во странство како шеф на државата.

Покрај разговорите во рамките на самитот на НАТО, тој исто така ќе присуствува на самитот Г7 на југозападот од Англија и ќе учествува на самитот ЕУ-САД во Брисел. На патот, тој ќе се сретне со кралицата Елизабета Втора, британскиот премиер Борис Џонсон и белгиското кралско семејство.

Најочекуваната средба е на крајот, на 16 јуни, со рускиот претседател Владимир Путин во Женева.

– Ова патување ќе ја потенцира американската определба за обновување на нашите сојузи, ревитализација на трансатлантските односи, како и соработка со нашите сојузници и мултилатерални партнери во решавањето на глобалните предизвици и подобра безбедност на американските интереси – изјави секретарот за печат на Белата куќа, Џен Псаки.