Германската канцеларка, Ангела Меркел, и американскиот претседател, Џо Бајден, ја повикаа Русија да ги повлече војниците од украинската граница заради деескалација на ситуацијата во регионот, изјави денеска портпаролот на германската влада, Штефен Зајберт.

Русија и Украина одржаа истовремени воени вежби во средата, додека министрите за надворешни работи и одбрана на НАТО започнаа итни разговори за акумулирањето на руските трупи во близина на украинската граница, според „Ројтерс“.

Меркел и Бајден разговараа по телефон за последните случувања во источна Украина и ја повикаа Русија да избегне каква било понатамошна ескалација.

– Канцеларката и претседателот се согласија дека Русија треба да ја намали најновата акумулација на војници за да придонесе за деескалација на ситуацијата – рече Зајберт.

Во Вашингтон, портпаролката на Белата куќа Џен Псаки изјави дека Бајден во вторникот разговарал со рускиот претседател Владимир Путин за да ги нагласи последиците од руските активности.