Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска потпиша закон за привремено финансирање на федералните агенции до средината на февруари, соопшти Белата куќа, а со тоа само неколку часа пред истекот на рокот беше избегната скапа блокада на владината работа за време на празничната сезона.

Законот предвидува финансирање на американската администрација до 18 февруари, што му дава на поделениот Конгрес уште 11 недели или да смисли долгорочен план за финансирање или да одобри ново краткорочно решение, пренесува „Ројтерс“.

Предлог-законот е усвоен неколку часа пред истекот на претходната одлука за финансирање чиј рок беше до денеска, со што милиони работници во јавниот сектор ќе останеа без плата за време на Божик и Нова Година.