Американскиот претседателски кандидат Џо Бајден се осврна на актуелните тензии меѓу Велика Британија и Европската Унија (ЕУ) за брегзит, па, така, завчеравечер објави на Твитер дека „нема да дозволи Договорот од Белфаст, кој донесе мир во Северна Ирска, да стане жртва на брегзит“. Бајден на Твитер објави писмо до британскиот премиер Борис Џонсон од членови на комитетот за надворешни работи во американскиот Претставнички дом, кои предупредуваат дека Конгресот нема да одобри американско-британски трговски договор ако кралството не ги исполни своите обврски во однос на Северна Ирска, како што пренесе „Политико“. Ваквиот одговор следуваше откако дел од британската влада порача дека предлог-законот за внатрешен пазар ќе го прекрши меѓународниот закон, со тоа што министрите ќе добијат моќ да менуваат елементи од договорот за излез од ЕУ, кој Лондон го склучи лани со Брисел.

Бајден во својата објава на Твитер порача дека „секаков трговски договор меѓу САД и Велика Британија мора да биде во согласност со Договорот од Белфаст и да не се дозволи да се воведат повторно строгите граници“. Неговата реакција следуваше откако во посета на Вашингтон беше британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб, кој се надеваше дека ќе ја увери администрацијата на Трамп и високи претставници на Демократската партија за британскиот пристап за брегзит.
Завчера Раб се сретна со американскиот државен секретар Мајк Помпео, но и со истакнатата демократка, Ненси Пелоси, која минатата недела предупреди дека „со сигурност нема“ да се постигне трговски договор меѓу САД и Велика Британија ако со потегот се прекрши Договорот од Белфаст.