Фото: Бела куќа/Твитер

Видеоповикот помеѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин траеше околу два часа, но можеби ќе бидат потребни месеци за да се види дали двете страни успеале да ја смират кризата поврзана со Украина, објавува „Блумберг“.

Бајден имаше цел да испрати јасна порака – Русија не смее да изврши инвазија на Украина, за што постои загриженост во САД, и дека таквиот евентуален потег ќе резултира со остри економски санкции. Путин, пак, сакал САД да знаат дека Русија нема да го толерира понатамошното проширување на НАТО на исток или поставувањето на оружје во Украина.

Бајден не ги прифатил барањата за „црвените линии“ за Путин, а рускиот лидер не ветил дека ќе ги повлече трупите долж границата со Украина. Се смета дека американските власти немаат јасна претстава за клучното прашање поврзано со ќорсокакот со Русија, односно не ги знаат намерите на Путин.

– Накратко, видеосредбата се чини како уште една победа за рускиот лидер, чија специјалност претставува способноста да ја одржува Америка во неизвесност додека ги погодува неговите намери. По средбата со Бајден во јуни и трите телефонски разговори по јануари, Путин го зацврсти статусот како сила чии желби мора да бидат земени предвид додека администрацијата на Бајден се обидува да ги задржи сојузништвата со европските држави, како и со Украина – наведува „Блумберг“.

Јасно е дека Путин делумно го доби тоа што го посакуваше, што претставува и самиот разговор, смета Фредерик Каган од Американскиот ентерпрајз институт.

Неколку часа по завршувањето на видеосредбата, двете страни бргу објавија дека го постигнаа тоа што го намеруваа. Администрацијата на Бајден даде детали за евентуалните санкции што е подготвена да ги наметне ако Русија ја нападне Украина. Кремљ имаше позитивна реакција, опишувајќи го разговорот како конструктивен, додека помошникот на Путин Јури Ушаков им кажа на новинарите дека двајцата лидери се шегувале и размениле комплименти.

– Предизвик за Бајден претставува ситуацијата во која Путин ги „држи повеќето карти“. Додека Бајден се обидува да ја смири реториката во врска со Украина и да се фокусира на други прашања, се добива впечаток дека Путин стекнува влијание секогаш кога неговите потези ја алармираат Белата куќа – заклучува „Блумберг“.