Фото: Официјален твитер-профил на рускиот претседател

Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Џозеф Бајден вечерва по нешто повеќе од два часа го завршија меѓусебниот разговор кој се одржа во формат на видеоконференција. Разговорот започнал околу 17.08 часот по средноевропско време, а завршил во 19.10 часот, пренесува агенцијата „Тасс“. На почетокот на видео-средбата Путин и Бајден се поздравиле, а американскиот претседател изразил надеж дека наскоро ќе имаат лична средба.

Белата куќа соопшти дека Бајден во текот на разговорот ја изразил длабоката загриженост на САД и на европските сојузници во врска со руската ескалација на силите што ја опкружуваат Украина, а ставил и до знаење дека Америка и сојузниците ќе одговорат со силни економски и други мерки во случај на воена ескалација, како што пренесе „Си-ен-ен“.

Бајден исто така ја повторил поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, повикувајќи на деескалација и враќање на дипломатијата.

Двајцата претседатели ги задолжиле нивните тимови за преземање дополнителни чекори поврзани со нивните разговори, со што Белата куќа истакна дека САД ќе го сторат тоа во блиска координација со сојузниците и партнерите.

Тие дискутирале и за американско-рускиот дијалог за стратешка стабилност, како и за заедничката соработка за регионалните прашања како што е Иран.

Разговорот потоа беше затворен за јавноста. Видео-конференцијата беше организирана преку безбедна видео-врска наменета за разговори меѓу светските лидери, која за прв пат беше искористена денеска.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека линијата за комуникација која ја користеа двајцата претседатели била воспоставена за време на претходните американски администрации, кога, како што рече, сè уште имало нешто креативно во руско-американските односи.

Во пресрет на разговорите со Путин, претседателот на САД наводно разговарал со европските сојузници со цел да се разменат мислења за руското трупање на војници во близина на украинската граница, а тема на разговорот биле и потенцијални економски санкции против Москва.