Европската Унија никогаш нема да се согласи на компромис за интегритетот на нејзиниот единствен пазар, порача главниот преговарач на ЕУ за брегзит Мишел Барние.

Тој истакна дека Лондон сега мора да се соочи со реалноста, откако ги потцени трошоците за британското излегување од ЕУ.

– Никогаш нема да има компромис за единствениот пазар. Напуштањето на единствениот пазар и на царинската унија ќе има последици. А од тоа што го видов лани, јасно е дека многу од овие последици беа потценети. Сега мора да се соочиме со реалноста. Апсолутно е јасно дека ќе има негативни последици. Без разлика на тоа каков договор ќе постигнеме за идните односи, брегзит секогаш ќе остане прашање за ограничување на штетата – предупреди Барние.

Според него, доколку не биде постигнат договор, Британија и понатаму се соочува со опасноста од брегзит без договор во 2021 година, кога што истекува 11-месечниот период на транзиција.
ЕУ постојано истакнува дека нивото на пристап што ќе го имаат британските производи ќе биде пропорционално на обврските што ќе ги преземе Лондон за правилата на ЕУ, особено во однос на државната помош.

– Не ми е јасно дали, кога Британија ќе ги напушти ЕУ и единствениот пазар, таа исто така ќе избере да го напушти и европскиот социјален и регулаторен модел. Тоа е клучното прашање и чекаме одговор – порача Барние.