Барбадос се подготвува утревечер да ги прекине врските со британската монархија, но наследството од неговото понекогаш брутално колонијално минато и влијанието на пандемијата врз туризмот се големи предизвици за овој карипски остров, што станува најнова република во светот.
Бабрадос, островот познат по преубавите плажи и огромната љубов кон крикетот, следната недела ќе го замени шефот на државата, кралицата Елизабета Втора, со нејзиниот актуелен претставник, генералната гувернерка на островот Сандра Мејсон. Церемониите, утре и во вторник, вклучуваат воени паради и прослави по повод претседателската инаугурација на Сандра Мејсон.
Почетокот на новата ера предизвика дебата меѓу населението од 285.000 луѓе за вековното британско влијание, вклучително и повеќе од 200 години ропство до 1834 година. Барбадос својата конечна независност ја стекна во 1966 година.
– Како млада девојка, кога ќе слушнав за кралицата, бев многу возбудена – изјави Шерон Белами-Томпсон (50), продавачка на риби во главниот град Бриџтаун, која се сеќава дека имала околу осум години кога ја видела кралицата во посета.
– Како што растев, почнав да се прашувам што всушност значи оваа кралица за мене и за мојата земја. Немаше никаква смисла. Ќе биде прекрасно да се има претседател на Барбадос – рече таа.
За младите активисти како што е Фирхаана Булбулија, основач на Муслиманското здружение на Барбадос, британскиот колонијализам и ропството се причина за современата нееднаквост на островот.
– Јазот во богатството, способноста да се поседува земјиште, па дури и пристапот до банкарски заеми, сите имаат многу врска со структурите изградени под британско владеење – вели 26-годишната Булбулија.
– Вистинските синџири (на ропството) се скршени и ние повеќе не ги носиме, но менталните синџири сè уште постојат во нашето размислување – истакна таа.
Во октомври Барбадос ја избра Мејсон за своја прва претседателка, една година откако премиерката Миа Мотли изјави дека земјата целосно ќе го напушти своето колонијално минато.