Официјалните лица во затворот во Њујорк се загрижени дека озлогласениот наркобос Хоакин Гузман, познат како Ел Чапо, планира уште едно лукаво бегство од затвор, откако судот одлучуваше по 10 обвиненија за шверц на дрога и заговор за убиство за мексиканскиот криминалец, пишува „Њузвик“.

Според „Вашингтон пост“, постои можност Гузман да заговара ново бегство пред изречување на неговата казна. Познатот наркобос претходно успешно двапати избега од два различни затвори во Мексико, еднаш преку тунел долг 1,6 километри, ископан под затворот каде што престојуваше.

Адвокатите на Ел Чапо поднеле барање до судија за нивниот клиент да добие најмалку два часа време неделно за рекреација во дворот на затворот, пристап до кујната, тампони за уши и пластични шишиња.

Лидерот на картелот „Синалоа“ моментно е во притвор во Њујорк. Барањата упатени од страна на неговите адвокати предизивикаа загриженост дека тој повторно бара начин како да избега од затворот во САД.

Сепак, според информациите од Си-ен-ен, на Ел Чапо нема да му бидат дозволени овие работи, поради тоа што се смета дека е човек со зголемен ризик за бегство и дека ќе остане во притворот сè додека не ја добие пресудата.

Познато е дека на Ел Чапо не му е дозволено да зборува на телефони и да праќа пошта без надзор и неговите адвокати му се единствената врска со надворешниот свет.

Гузман го предводеше моќниот картел Синалоа во Мексико, кој според обвинителите станал најголемиот нелегален добавувач на дрога во САД во негово време. Тој беше екстрадиран во САД од Мексико во 2017 за да се соочи со различни обвиненија во повеќе сојузни држави. Во февруари, Ел Чапо беше прогласен за виновен за сите 10 обвиненија и се соочува со доживотна затворска казна. Се очекува тој да биде осуден во следниот месец.