Владимир Путин (лево) и Џо Бајден вчера се сретнаа во Женева

Ерата на либералниот интернационализам се тргна настрана за да направи простор за враќањето на ривалството на големите сили, а дистрибуцијата на глобалната моќ ја смени геополитичката клима, пишува Филип Стивенс во неговата колумна за „Фајненшл тајмс“.

Засега, светот се наоѓа на „ничија земја“, уште приврзан кон мултилатералните институции, но со истовремено подготвување на големите сили за борба во поглед на контурите на новиот поредок. Останатите држави ќе се соочат со зголемен притисок за избор на страна. Дали ќе бидат со САД или со Кина?

Во суштина, охрабрената и во подем Кина, како и незадоволната Русија, се противат да го прифатат поредокот за кој сметаат дека е создаден за одржување на западната хегемонија. Си Џинпинг сака да ја врати Кина во центарот на глобалната сцена, а Русија на Владимир Путин сака да ја врати сферата на влијание на просторот на поранешниот СССР.

Ефект од ваквата состојба било доаѓањето на ривалските банди на местото на мултилатералните правила. Некои нации ќе се држат по страна, други ќе се обидат да го задржат привилегираниот економски однос со Кина, додека се кријат зад безбедносниот штит на Вашингтон, а многумина веќе го направија својот избор.

Популарно е мислењето дека автократите имаат предност, но кога станува збор за бандите, Западот е тој што има предност. Посетата на Бајден на меѓународните самити, вклучувајќи ја и средбата со Путин во Женева имаа единствена цел – собирање на старата банда за пресметката со Кина која се наѕира. А Европејците почнуваат да ги чувствуваат непријатностите на стратешката реалност, но тие си имаат своја банда. ЕУ можеби не може да се пофали со геостратешко присуство, но може да се носи со САД и со Кина кога станува збор за поставувањето на глобалните економски норми.