Државниот јавен обвинител на Азербејџан во вторникот ја обвини Ерменија за истрелување ракети врз областа во непосредна близина на гасоводот Баку-Тбилиси-Џејхан (БТК), кој пренесува сурова нафта од Азербејџан до Турција преку грузискиот главен град, пренесува ТАСС.

– Околу 21 часот по локално време, вооружените сили на Ерменија извршија ракетен напад на дел од нафтоводот Баку-Тбилиси-Џејхан во областа Евлакс – соопшти агенцијата, додавајќи дека нападот бил спречен како резултат на мерките преземени од азербејџанските сили.

Министерството за одбрана на Ерменија ги отфрли обвинувањата.

– Извештаите на Азербејџан за обид на ерменските трупи да го нападнат гасоводот Баку-Тбилиси-Џејхан се дрски лаги. Ние повеќе пати кажавме дека не ја гледаме нафтената и гасната инфраструктура како цел – напиша прес-секретарот на Министерството за одбрана на Ерменија, Шушан Степанјан, на својата страница на Фејсбук.

Таа додаде дека сите области од каде потекнуваат нападите врз Нагорно-Карабах ќе бидат уништени, без оглед на нивната локација.

Цевководите на трасата Баку-Тбилиси-Џејхан, долги 1.700 километри, со годишен капацитет од 50 милиони тони нафта, беа пуштени во употреба во 2006 година. Тие испорачуваат нафта од нафтеното поле Азери-Чираг-Ѓунашли на Касписко Море и се користат и за транзит на туркменска, казахстанска и на руска нафта.

Исто така се нагласува дека нафтоводот Баку-Тблиси-Џејхан е голем стратешки проект кој игра важна улога во енергетската безбедност на Европа.

На 27 септември Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдеше дека вооружените сили на Азербејџан почнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.

Двете страни пријавија жртви и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.