Началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал Мохамад Багери, предупреди денеска дека страшна одмазда ги чека луѓето кои стојат зад атентатот на високиот ирански научник специјализиран во нуклеарниот сектор.

– Одговорните терористички групи и извршителите на тој кукавички чин треба да знаат дека ги чека страшна одмазда – напиша Багери во порака на Твитер, пренесе иранската државна новинска агенција Ирна.

Тој ја нарече смртта на научникот Мохсен Фахризадех „горчлив и тежок удар“ и рече дека Иранците нема да мируваат се додека не ги пронајдат и казнат луѓето вмешани во неговото убиство.

Денес беше официјално објавено дека е убиен шефот на одделот за истражување и иновации во Министерството за одбрана, Мохсен Фахризадех.

Тој бил сериозно ранет кога неколку напаѓачи пукале кон неговото возило, а имало престрелка со безбедносниот тим кој го штител научникот, објави претходно Министерството за одбрана, наведувајќи дека лекарите не успеале да го спасат.