Кризата во Африка се очекува летово да го достигне врвот

Додека расте бројот на заразени и жртви, африканските земји мораат да се справуваат и со лажните вести за ковид-19. Инфодемијата се шири побрзо од самиот вирус и може да има катастрофални последици, велат експертите

ЦРНИОТ КОНТИНЕНТ СТАНУВА НОВО ЖАРИШТЕ

Африканските земји почнаа да воведуваат мерки на целосен или делумен карантин по драматичното зголемување на бројот на заразени и жртви од коронавирусот во изминатите денови. Додека се борат со коронавирусот, државите мораат да се справуваат и со брзото ширење на лажните вести и опасни неточни медицински совети за ковид-19. Инфодемијата се шири побрзо од вирусот и може да има катастрофални последици, предупредуваат експертите.
Јужна Африка, економски најразвиената земја на африканскиот континент, објави дека од утре почнува 21-дневен национален карантин поради драматично зголемување на бројот на случаи на ковид-19. Руанда беше првата земја што прогласи карантин во Африка, а мерките предизвикаа панично купување.
Бројот на заразени и на жртви сѐ уште е помал во однос на другите континенти, но Светската здравствена организација (СЗО) смета дека африканските земји, со своите слаби санитарни и здравствени системи, не се подготвени да се справат со кризата. Анализа на американската корпорација „Ранд“ посочува дека 25 земји во светот се најранливи на епидемии на заразни болести, а 22 од нив се во Африка. Младото население на континентот може да значи помалку жртви, но тоа значи и поголеми шанси за ширење на вирусот. Експертите предупредуваат дека ако ресурсите се пренасочат за справување со коронавирусот, тогаш ќе се намалат напорите за спречување на другите заразни болести како маларија или ебола. Кристијан Дрозден, германски виролог, очекува кризата со коронавирусот во Африка да го достигне својот врв ова лето.
– Не сакам ни да замислам какви слики би можеле да видиме. Луѓето ќе умираат на улица – предупредува тој.
Додека здравствените експерти предупредуваат дека допрва може да се очекува драматично ширење на коронавирусот во Африка, други нагласуваат дека од него побрзо се шират лажните препораки и вести за справување со пандемијата. Во Гана, на пример, луѓето примале пораки преку Ватсап со уверувања дека вирусот ќе се уништи на температури повисоки од над 27 Целзиусови степени. Но, како што велат здравствените експерти, таквите тврдења не се медицински докажани. Не се докажани ниту тврдењата дека пиењето топла вода и сончањето помагаат во справувањето со коронавирусот, а таквите „препораки“ лажно му се припишуваат на УНИЦЕФ. СЗО ги нарекува овие дезинформации инфодемија и нагласува дека државите мора да потрошат значителни ресурси за нивно сузбивање, ако сакаат да го ограничат ширењето на самиот вирус. Истовремено, тоа значи дека хуманитарните организации што работат во Африка мора да се борат за својот кредибилитет, посочува германски „Шпигел“.
– Губиме многу време за да се справиме со таквите лажни препораки. Со дигиталниот свет допираме до многу луѓе, но тој е и опасен зашто други имаат можност да шират паника – вели Сандра Бисин, портпаролка на УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ со разни пораки се обидува да ги урне митовите за коронавирусот. Но тоа не го спречува целосно ширењето на лажните вести. Во Гана, повеќе ресторани објавија лажни препораки од УНИЦЕФ за да ги уверат гостите во безбедноста, кои потоа се шират меѓу семејства, роднини и пријатели.
– Неточните информации се екстремно опасни – нагласува Бисин.
Друго често и погрешно тврдење за коронавирусот во Африка е дека луѓето со темна боја на кожата или со „африкански ген“ се имуни на ковид-19. Ваквите тврдења се опасни и власите се обидуваат да ги уверат луѓето дека сите што имаат симптоми на коронавирус треба да се тестираат, наместо да веруваат дека ќе се спасат од заразата поради бојата на кожата или африканското потекло.
– Наш најголем проблем е што никој не сака да биде лицето што го донело коронавирусот во селото. Жителите на селото тогаш ќе го протераат заболениот. Затоа, многу лица со потенцијални симптоми на ковид-19 не се пријавуваат во итните центри и наместо тоа решаваат да се лекуваат со сомнителни лекови и препораки што ги слушнале или виделе на друго место – посочува Дејвид Аџикоби, новинар на „Африка чек“, кој се бори против лажни вести.