Мадуро тврди дека преживеал атентат со експлозивни дронови, а за нападот ги обвини опозицијата, Колумбија и САД. Пожарникари од местото на настанот, пак, тврдат дека експлодирала плинска боца во околните станови

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, тврди дека преживеал атентат со експлозивни дронови додека држел говор за време на воен собир во Каракас. Од друга страна, пожарникари што биле на местото на настанот велат дека експлодирала плинска боца во еден од околните станови. Мадуро за нападот ги обвини опозицијата, Колумбија и САД.

На телевизискиот пренос во живо од парадата по повод 81-годишнината на венецуелската армија се гледа како во еден момент претседателот Мадуро изненадено погледнува нагоре, а десетици војници пред него одеднаш почнуваат да бегаат. Венецуелските власти тврдат дека две беспилотни летала што носеле експлозиви биле детонирани во близината на бината на претседателот.

– Летало експлодира близу мене. Имаше огромна експлозија, а неколку секунди подоцна следуваше уште една експлозија – изјави самиот Мадуро.
На фотографиите објавени на социјалните медиуми се гледа како телохранители го штитат Мадуро со непробојни штитови од наводниот напад. Венецуелските власти соопштија дека во инцидентот се повредени седум војници и дека подоцна се уапсени неколку лица.

Мадуро за нападот ги обвини Колумбија и елементи во САД што поттикнале „десничарски заговор“ за да го убијат. Тој нагласи дека „без сомнение зад нападот стои“ колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос. Колумбија отфрли каква било вмешаност во инцидентот, нагласувајќи дека обвинувањата на Мадуро „немаат никаква основа“.

Венецуелскиот лидер, кој и претходно ги обвинуваше САД дека сакаат да го убијат, не понуди докази за своите тврдења, посочува Би-би-си.
Во меѓувреме, венецуелските власти ја обвинија десничарската опозиција дека го извршила нападот, во обид да го убијат претседателот по поразот на мајските избори, на кои тој доби уште еден шестгодишен мандат. Хаслер Инглесиас, лидер на подмладокот на опозициската Партија на народната волја, пак, тврди дека опозицијата не стои зад наводниот атентат.

На снимките се гледа како Мадуро во еден момент изненадено погледува нагоре, по што следуваат хаотични сцени

– Не знаеме што се случи. Тешко е да се поверува дека опозицијата би направила таков обид кога не направила ништо слично во изминатите 20 години – посочи тој.
Малку познатата група „Војници во маички“ на социјалните медиуми презеде одговорност за нападот. Групата тврди дека планирала да го убие Мадуро со две беспилотни летала дрон, полни со експлозив, но дека тие биле соборени од армијата. Како што посочува Би-би-си, групата не понуди докази за своите тврдења и одби да дава дополнителни коментари за медиумите.

Од друга страна, пак, пожарникарските служби од местото на настанот излегоа со верзија за инцидентот спротивна од официјалната владина позиција. Пожарникари за Асошиејтед прес тврдат дека причина за експлозијата била плинска боца во еден од околните станови, без да дадат повеќе детали.

Би-би-си посочува дека сѐ уште има многу неодговорени прашања за наводниот неуспешен атентат врз Мадуро, кој често ги обвинува опозицијата, Колумбија и САД дека сакаат да ја саботираат неговата влада. Исто како и минатата година, кога хеликоптер стрелаше врз Врховниот суд, а Мадуро тврдеше дека станува збор за „терористички напад“, така и сега ќе има многу теории на заговор, а веќе кружат спротивставени верзии за настанот, посочуваат западните медиуми и аналитичари. Тие нагласуваат дека вистината најверојатно нема да излезе на површина ниту овој пат, бидејќи новинарите во земјата тешко можат непречено да известуваат за настаните.
Критичарите исто така посочуваат дека Мадуро и неговите сојузници ќе го искористат инцидентот за уште пожестоко да се пресметаат со политичките противници. Дејвид Смајлд од вашингтонската канцеларија за Латинска Америка вели дека аматерскиот напад на венецуелскиот претседател не изгледа инсценирано. Тој не верува дека нападот е испланиран за Мадуро да обезбеди политичка корист, бидејќи на снимките тој навистина изгледа ранливо. Сепак, Смајлд е уверен дека Мадуро ќе го искористи нападот за уште повеќе да ја зацврсти моќта, да ги ограничи слободите и да изврши чистка во Владата и во армијата.

Мадуро е на власт во Венецуела од 2013 година, по смртта на долгогодишниот лидер Хуго Чавез.