Христијанката од Пакистан, Асиа Биби, која помина осум години во затвор и беше осудена на смртна казна под обвинение дека го навредила муслиманскиот пророк Мухамед, ја напушти земјата по повеќе од шест месеци откако беше ослободена од врховниот суд, пренесува нејзиниот адвокат.

Според „Ројтерс“, адвокатот на Биби, Саид Ул Малук бил информиран од веродостојни извори дека таа го напуштила Пакистан и заминала во Канада.

Пакистанската телевизија „Гео“ исто така информираше дека Биби ја напуштила земјата. Од министерството за надворешни работи на Пакистан засега нема коментар за оваа информација.

Ослободувањето на Биби од врховниот суд во октомври минатата година разгоре нови демонстрации од исламските верници кои не ја прифатија пресудата и бараа таа да биде погубена. Во ноември истата година премиерот на Канада, Џастин Трудо, изјави дека неговата земја е во преговори со Пакистан во врска со статусот на Биби.

Биби беше осудена во 2010 година за богохулење откако работничките кои со неа работеле на полето одбиле да пијат од водата што таа ја донела, со изговор дека не е муслиманка.

Нејзиниот случај наиде на негодување ширум светот и беше причина и извор на поделба во Пакистан, каде што двајца политичари кои се обидоа да помогнат на Биби беа убиени, вклучувајќи го гувернерот на провинцијата Панџаб, Салман Тасир, кој беше застрелан од неговиот телохранител.