Еквадорскиот претседател Ленин Морено порача дека активностите на Асанж ги прекршиле условите за азил, кој му беше доделен откако во Шведска беше обвинет за силување, а му се закануваше и екстрадиција во САД. Дел од светските медиуми шпекулираат дека Викиликс е поврзан со анонимен вебсајт, кој објави приватни фотографии од Морено и неговото семејство, обвинувајќи го еквадорскиот претседател за мито и корупција

Еквадорскиот претседател Ленин Морено го обвини основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, дека ја користел Амбасадата на Еквадор во Лондон како центар за шпионирање. Морено истакна дека активностите на Асанж ги прекршиле условите за азил, кој му беше доделен откако во Шведска беше обвинет за силување, а му се закануваше и екстрадиција во САД. Дел од светските медиуми шпекулираат дека Викиликс е поврзан со анонимен вебсајт, кој објави приватни фотографии од Морено и неговото семејство, обвинувајќи го еквадорскиот претседател за мито и корупција.

Британската полиција го уапси Асанж (47) во четвртокот, буквално извлекувајќи го насила од еквадорската амбасада откако Еквадор му го укина политичкиот азил по речиси седум години поминати во дипломатскиот објект. Тој се соочува со затворска казна до 12 месеци, откако беше обвинет за прекршување на условите за кауција кога влезе во еквадорската амбасада во 2012 година. Основачот на Викиликс се одлучи на таков чекор откако ја загуби битката против екстрадиција во Шведска, каде што против него беа поднесени обвинувања за силување и сексуално малтретирање. Се очекува Асанж да води жестока правна битка против екстрадицијата во САД, каде што е обвинет за заговор со бившиот военоразузнавачки аналитичар Челси Менинг за упад во тајни владини компјутери. Истовремено, шведските власти ја разгледуваат опцијата за повторно отворање на истрагата за наводното силување. Доколку има конкурентни барања за екстрадиција во Британија, според „Гардијан“, британскиот министер за внатрешни работи треба да одлучи која земја ќе има приоритет.

Во првото интервју за западни медиуми откако Асанж беше протеран од амбасадата, Морено ги демантира тврдењата дека таквиот потег е одмазда за начинот на кој документите за неговото семејство беа објавени. Тој исто така порача дека жали затоа што основачот на Викиликс наводно ја користел амбасадата за мешање во демократиите на други земји.

– Еквадор го осудува секој акт за дестабилизирање, бидејќи ние сме суверена нација и ја почитуваме политиката на секоја земја. За жал, од наша територија и со дозвола на властите од претходните влади, во еквадорската амбасада во Лондон беше обезбеден простор за мешање во процесите на други држави. Не можеме да дозволиме нашата куќа, куќата што ги отвори своите врати, да стане центар за шпионирање. Таа активност ги прекршува условите за азил. Нашата одлука не е арбитрарна, туку се заснова врз меѓународното право – истакна еквадорскиот претседател во интервјуто за британски „Гардијан“.

Морено го обвини Асанж за постојано мешање во внатрешните работи на другите држави, осврнувајќи се на објавувањето на ватиканските документи од Викиликс во јануари годинава. Тој инсистира дека одлуката да соработува со Британците и да го отстрани Асанж од амбасадата е суверена одлука на неговата влада и оти не бил принуден на тоа од никоја странска сила.

– Тој беше гостин на кој му беше понуден достоинствен третман, но тој немаше основен принцип за реципроцитет за земјата за која знаеше дека ќе му ги отвори вратите, ниту, пак, беше расположен да ги прифати протоколите од земјата што го прими – додаде Морено.

Тој се пожали и на наводниот лош однос на Асанж кон вработените во еквадорската амбасада во Лондон.

– Тој лошо се однесуваше кон нашите претставници во амбасадата, го злоупотреби трпението на Еквадорците. Асанж лансираше агресивна кампања против Еквадор и почна со правни закани дури и против оние што му помагаа. Секоја форма на коегзистенција со Асанж во амбасадата стана главоболка. Тој постојано не внимаваше на хигиената во текот на неговиот престој, што имаше влијание врз неговото здравје, како и врз внатрешната атмосфера во дипломатската мисија. Покрај тоа, Асанж имаше здравствени проблеми што требаа да се решат – порача Морено.

Шефот на еквадорската држава додаде дека од Британија добил писмени гаранции за можната екстрадиција во САД, односно дека нема да биде испорачан во трета земја каде што би се соочил со тортура, лош третман или смртна казна.
Од друга страна, Џенифер Робинсон, адвокатката на основачот на Викиликс, ги демантираше обвинувањата за лошото однесување на Асанж.
– Прво што мора да се истакне е дека Еквадор во изминатите денови неколку пати издаде нечуени обвинувања за да го оправда незаконскиот и без преседан чин за пуштање на британската полиција да влезе внатре во амбасадата – истакна Робинсон.
Таа додаде дека стравувањето на Асанж за испорачување во САД се покажа исправно откако тој беше обвинет и за заговор за хакирање на класифицирани компјутери на Пентагон.

Потегот на Морено против Асанж се покажа и како доста контроверзен во Еквадор. Претходниот еквадорски претседател Рафаел Кореа упати остри критики до некогашниот политички сојузник.
– Станува збор за злосторство против човештвото што никогаш нема да го заборавам. Морено е најголемиот предавник во еквадорската и јужноамериканската историја – истакна Кореа.

Актуелниот претседател ги отфрли обвинувањата на неговиот претходник.
– Ако предавник значи одбрана на демократијата, слободата на медиумите како и објавување на вистината и корупцијата на претходниот режим, тогаш може да ме нарекува како што сака. Тој може слободно да го користи правото на изразување – порача Морено.
Според него, не се точни и сугестиите на Кореа дека го протерал Асанж од амбасадата како дел од договорот со САД, кои наводно треба да лобираат за бришење на долгот на Еквадор.

– Целосна лага е дека ќе има намалување на долгот во замена за Асанж. Оваа изјава беше генерирана и распространета од групи поврзани со претходниот режим, кои не сакаа да најдат решение за случајот на Асанж, освен да го затворат во нашата амбасада. Со САД работиме на прашања за соработката, трговијата, културата и безбедноста. Во ниту еден момент статусот на Асанж не беше предмет на преговори со таа земја – додаде еквадорскиот претседател.

Спорната фотографија од претседателот Морено поради која наводно му е укинат азилот на Асанж

[email protected]