Повеќе од 60 лекари напишаа отворено писмо во кое предупредуваат дека здравјето на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж е многу лошо и тој може да почине во затвор.

Во писмото испратено до британското Министерство за внатрешни работи, лекарите побарале Асанж да биде итно пренесен во болница од затворот во југоисточен Лондон, засновајќи ги своите тврдења врз исказите на сведоците кои присуствувале на неговото појавување пред судот на 21 октомври, како и врз сведочењето на известувачот на ООН за тортурата, Нилс Мелцер кој го видел на 1 ноември, пренесува „Гардијан“.

Тој рече дека постојаната изложеност на малтретирање наскоро ќе го чини живот.

– Ова отворено писмо го пишуваме како лекари, за да изразиме сериозна загриженост за физичкото и менталното здравје на Џулијан Асанж – се наведува во писмото на лекарите напишано на 16 страници.

Тие велат дека се загрижени како Асанж ќе го заврши сослушувањето, што започнува во февруари, и наведуваат дека му е потребна итна медицинска помош.

„Нема време за губење“, се вели во писмото потпишано од лекари од САД, Австралија, Велика Британија, Шведска, Италија, Германија, Шри Ланка и Полска.