Шпанецот во средиштето на случајот со шпионирањето на Џулијан Асанж, Давид Моралес, кажа пред шпанскиот врховен суд дека поранешниот еквадорски амбасадор Карлос Абад, кој почина во ноември минатата година, побарал од него тајно да го снима основачот на „Викиликс“ за време на престојот во еквадорската амбасада во Лондон, пишува шпанскиот весник „Ел пас“. 

Моралес е сопственик на шпанската безбедносна компанија која го шпионираше Асанж. Наспроти уверливите докази за шпионажа собрани за време на истрагата, за кои веќе пишуваше „Ел пас“, Моралес во повеќе наврати негираше пред судијата дека имало шпионажа. 

Но, во втората изјава пред судот, овојпат на негово барање, Моралес го смени тврдењето од негирање на шпионажата до признание оти од него било побарано да направи тајни аудиоснимки. Тој се „сокри“ зад поранешниот еквадорски амбасадор, велејќи дека тајната служба на Еквадор го ангажирала за време на мандатот на Рафаел Кореа, кој беше претседател на јужноамериканската држава од 2007 до 2017 година.

Според извори од одбраната на Асанж, Моралес тврдел дека неговите вработени пишувале извештаи за посетите на Асанж и правеле снимки со телефоните и компјутерите, следејќи ги наредбите на еквадорската тајна служба, а не на американската ЦИА, како што претходно тврдеа тројца сведоци.

Поранешниот еквадорски претседател Рафаел Кореа исто така тврдеше дека бил шпиониран од фирмата на Моралес „Ју-Си Глобал“. Правниот тим на Асанж изрази сомнеж за верзијата на настаните на Моралес, прашувајќи како било можно Абад да го нареди шпионирањето ако и самиот бил сниман на еден од поставените микрофони во амбасадата, како што било забележано на аудиоснимките. 

Згора мејловите кои Моралес ги праќал на неговите вработени покажуваат оти еквадорските дипломати биле цели на шпионската операција.